Мирјана Трпческа: ТВ емисијата “Само вистина” понуди можност да се зборува за вистината во време кога разно- разни луѓе на социјалните мрежи едвај чекаат да ве “расчеречат”
Контактната емисија “Само вистина” која оди на ТВ Канал 5, е еден од најгледаните ТВ програми во македонскиот етер. Во живо се соочуваат говорници, најчесто со спротивставени ставови, со различни политички, национални, историски или културолошки позиции, што само по себе најчесто доведува до интересни дискусии, различни емоции, понекогашни и тензични ситуации тешки за контрола и водење. Тоа е повод и за разговор со новинарката и уредничка Мирјана Трпческа, која доста успешно го реализира овој ТВ проект заедно со нејзината колешка Елизабета Галевска.Нејзиното темпо на разговор е динамично, а прашањата кои ги поставува се право меѓу рогови, директно во сржта.
Со новинарство почнува да се занимава од 1995г. иако е дипломиран професор по Историја на филозофија, но животот и професионалниот пат ја однесоа во новинарството и тоа го работи веќе полни 23 години, Кариерата ја почнува во МРТВ каде во информативната програма 14 години како уредник- водител на вестите, и како уредник на надворешно политичката редакција на МТВ, репортер известувач од многу случувања во земјава и странство со настани поврзани од она што денес го гледаме како можен епилог како членството во Нато, ЕУ, разговорите за името со Грција. Таа вели ” многу настани, многу падни-стани ситуации за мојата земја и сето тоа оставило трага но и,,материјал,, во мојата глава кој можеби еден ден, кој знае би го сместила во некоја книга,но, има уште празни страници што треба да се испишат.”
Јавноста ја памети по интервјуата што ги правеше со странски претставници како генералниот секретар на Нато-Јаап Де Хоп Шефер, со Хавиер Солана, со Хашата обвинителка Карла дел Понте, со министерот за надворешни на Франција Ибер Ведрин и многу други. Навистина плејада ликови и функционери кои оставиле печат врз она што е Македонија денес.”Како новинар имам вградено една цигла барем во она што сме денес, кое за жал требаше да е на многу повисоко ниво” вели таа за “Радар”. Активна е и во ЗНМ, последниве 8-9 години како претседател на надзорен одбор, а сега како претседател на Совет на честа..
1.На што друго се должи гледаноста на контактната емисија “Само вистина” ?
,, Само Вистина,, е автохтон проект на Канал 5 ТВ односно, на директорот Иван Мирчевски. За кусо време 1,5 година, но и од почетоците,, Само Вистина,, се наметна и многу брзо ја градеше својата доверба меѓу гледачите како емисија која преку својот формат на ТВ дуел понуди да се слушнат две крајно спротивставени мислења на едно место со многу динамично темпо, и веројатно тоа е дел од магијата која ја прават гостите но и ние со колешката Галевска преку начинот на кој ги модерираме дебатите со директни провокативни прашања кои се засноваат на вистината. Нема кокетирање, нема калкулации за вистината се оди “до коска” и тука нема компромис. И веројатно е тоа, тоа што не прави поразлични и толку гледани.
И затоа ги освоивме симпатиите на гледачите, но и нивните критики!
Трпческа со ЕУ амбасадорот Ерван Фуере
- Емисијата оди во живо,не може да се планира дискусијата, емоцијата и темпераментот на говорниците, што за водителот само по себе носи голем стрес. Како се справувате со ова?
Да, добро сте забележале, емисијата е со многу адреналин за нас,но и за гостите. Повеќето од нив се потат до гола кожа ама и ние, не само поради рефлекторите туку поради целиот тој набој во кој има многу, многу емоции верувајте. Нема ситуација однапред да се знаат прашањата или одговорите и сите влегуваме во еден непознат терен на беспоштедна борба на аргументи, тврдења, демантирања, за или против.Така што често масичката “икс” наликува на вистинска гладијаторска арена. Понекогаш знам и сум свесна дека прашањата ми се високоризични, понекогаш имам и гости со кои зборувам дека темите што се отвораат се,, високо ризични,, но се во корист на нејзиното височество- вистината. И тука и да упатам една јавна благодарност до сите гости, оти е храброст да се излезе и да се зборува во време кога разно, разни луѓе на социјалните мрежи едвај чекаат да ве” расчеречат”. И затоа понекогаш знае да е непријатно но, се е тоа дел од работата, политичкиот контекст во општеството итн..
Фотографија од емисијата “Само вистина” со Талат Џафери претседателот на собрание
3.Колку е важна подготовката за една емисија и едни соговорници, за на крај да има конструктивна дискусија?
Емисијата бара голема подготовка. Јас многу читам и се спремам за секоја една тема и гостин. Зашто вие некому да речете” не ја зборувате вистината”, треба да имате конкретен доказ зошто е тоа така или дека ги сменил ставовите, треба со факти да му докажете дека тоа е така. За одреден став, морате јасно да сте информирани. Не може јас начув ова или она и да сте начуле, треба да кажете од каде ви е информацијата. Се, се прашува со факти, ништо со полуинформации или дезинформации, секогаш се оди со проверени тези. Така да сето тоа бара многу читање, познавање на закони, деловници на работа, затоа не се случило еден гостин да гостувал и да не сака пак да дојде, напротив сите го имаат истиот висок и професионален однос од наша страна и тоа гостите го вреднуваат, а и ние нивната подготвеност да споделат со нас информации за кои можеби не им е секогаш комотно да говорат. Но, го прават тоа и затоа го имаат целиот респект од нас.
Со светски познатиот пијанист Ричард Клајдермен
- Вашата емисија е и креатор на јавното мислење, колку таа одговорност ве оптеретува, или напротив Ви е мотив плус за работа?
Само Вистина,, се појави во момент на еден општествен контекст кога требаше да се креира,, јавното мислење ,, за многу важни политички прашања за иднината на Р. Македонија. И оттаму задачата беше и е многу одговорна а во истовреме ТВ Канал 5 да понуди балансираност. Така да со оваа емисија се понудија различни мислења во име на објективното информирање и плурализмот на јавната мисла. Бидејќи се,, тешки,, теми во прашање не смее и не се дозволуваат произволни толкувања, се мора да биде како што реално е. Некои се обидуваат да ја замајат јавноста или под влијание на партиската припадност да протнат некој свој став па нештото да го претстават во сосема поинакво светло, но тука сме ние да им укажеме на,, грешката,, и да ги потсетиме дека врвно човеково право е правото на вистината и точна информација.
- За крај и едно лично прашање, колку работа Ве исполнува?
Па ако кажам дека и по 23 години во новинарството се уште имам волја информациите што ги подготвувам да се што побогати со новости и поубаво спакувани, значи дека да, професијата ме исполнува, но и би додала дека сите ние треба да направиме се новинарството да го подигнеме на повисоко вредносно ниво.
Со амбасадорот на Украина ЈуриЈ Хончарук