Кратење на непродуктивните трошења и поддршка на домашните компании
Во Собранието во тек е расправата за ребалансот на буџетот. Целта е намалување на непродуктивните трошоци, обезбедување мерки за зајакнување на социјалната кохезија и издвојување повеќе средства за поддршка на домашните компании.
„Кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните претпријатија. Тие мерки се минималната плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средни претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и сл. Со други зборови тоа е дел од програмата на новата влада што може да се реализира на краток рок. Останатите планирани мерки кои граѓаните и фирмите ги очекуваат се дел од подлабоки системски промени и оттаму ќе бидат вклучени почнувајќи од Буџетот во 2018 година на кои како министерство веќе работиме“, рече министерот Тевдовски.
Предложениот ребаланс на буџетот не предвидува ниту еден предлог кој ќе значи подобрување на животот на граѓаните, изјави Владимир Ѓорчев според кого предложениот буџет не нуди зголемување на платите и пензиите, ниту пак, нуди нови инвестиции во привлекување на странски или домашни инвестиции. Од поднесените 706 амандмани на опозицијата, парламентарното мнозинство не прифати ниту еден, што според Ѓорчев е нешто непознато досега.
На предложениот ребаланс на државната каса, 63 амандмани поднесоа и од партијата Беса, но ниту еден од нив не беше прифатен. Од Беса реагираат дека се подготвува буџет за изборни активности, односно буџет кој не е развоен и не е во функција на подобрување на стандардот на граѓаните.
Според предложениот ребаланс, се предвидува дефицитот на Буџетот да остане 2,9 отсто од БДП, а предвидениот раст да изнесува 2,2 проценти наместо првично предвидените 3 отсто. Предвидено е кратење на расходите од 48,7 милиони евра и на капиталните инвестиции за исто толку, а предвидено е да се реализираат сите веќе започнати инфраструктурни проекти, како и да се додаде изградба на некои нови училишта во источна и во западна Македонија. Проекцијата на приходите е проектирана на 3,003 милијарди евра. Кај расходите, проекцијата 3,305 милијарди евра. Дефицитот останува проектиран на 302 милиони евра.