Концерт за паметење на Симон Трпчески и Македонската филхармонија!

Македонскиот пијано-виртуоз, Симон Трпчески, заедно со музичарите на Македонската филхармонија, на синоќешниот концерт ја воодушеви публиката, која го испрати со френетични аплаузи. Уште еднаш овој музички маг со светско реноме со крајна спонтаност и внимателно избран репертоар докажа дека неговите настапи се неповторливо искуство и единствена музичка сензација.

Неполни два часа Трпчески од најавените композиции на Шостаковиќ и Гершвин, Концерт за пијано и оркестар бр. 2 и „Рапсодија во сино“, дополнително во два наврата на публиката ѝ приреди и изведба на композиции од домашни композитори, а празничната нота на концертот ја дополни и со изведба на популарни теми.

Финалето на концертот беше изведбата на познатата џез-тема на Пол Дезмонд, „Тејк фајф“, која за миг ја телепортира публиката во центарот на Њујорк.

Под вештите прсти на Трпчески секој тон звучеше оригинално и возбудливо, а музичарите од Македонската филхармонија, освен со професионалната подготвеност, го следеа со извонреден флуид, што дополнително го обои концертот со визулена и музичка хармоничност.

Се чини како на настапите дома Трпчески носи дел од секоја своја турнеја, па така сцената на Македонската филхармонија за миг заличе на њујоршкиот „Карнеги хол“, каде што тој настапи како солист на Балтиморскиот симфониски оркестар под диригентската палка на Марин Олсоп во 2010 година.

Иако речиси нема точка на планетава каде што пребирливата публика како во Лондон, Пекинг, Шангај со воодушевување го испраќа македонскиот пијанист, неговите настапи дома тој секогаш ги доживува со посебно задоволство.

Во претпразничниот дух Трпчевски посака ум, трпение и здравје, ѝ се поклони на публиката и им се заблагодари на музичарите, диригентот Борјан Цанев и првата виолина Ана Контраденко.

Концертот го организира „Македонски телеком“, кој на овој начин го одбележа крајот на годината заедно со своите блиски соработници, партнери и пријатели и истовремено ја акцентира поддршката на македонската култура.

tekst Ana Vasilevska-Makfax

Translate »