Се очекува потпис од претседателот Ѓорге Иванов на Законот за амнестија-дел од експертите се незадоволни од решението
Во исчекување претседателот Ѓорге Иванов да стави потпис на Законот за амнестија, дел од експертската јавност изрази незадоволство од решенијата што се нудат со него.
Доколку Иванов го потпише, законот ќе биде објавен во Службен весник, по што веднаш ќе стапи во сила и ќе се знае кои од учесниците во настаните од 27 април минатата година, доколку побараат, ќе можат да добијат амнестија.
Секој од осомничените, обвинетите или осудените ќе треба сам да побара амнестија во рок од пет дена, а Судот и Обвинителството ќе имаат рок од исто така од пет дена за да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.
Обинителката во случајот „27 април“ Вилма Русковска, е незадоволна што е донесен Закон за амнестија, но, вели дека ќе го почитува.
–Како обвинител кој вложил многу труд, многу работа во предмет, но и како граѓанин на оваа држава не сум задоволна од Законот за амнестија, изјави Рускоска по завршување на вчерашното судско рочиште за случајот „ 27 април“.
Според неа, преквалификација нема да има за обвинетите што не се опфатени со амнестијата, затоа што, како што додаде, амнестијата не важи за целото кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Русковска вели дека како ќе стигнуваат барањата за амнестија, така ќе се одлучува поединечно по истите, а одлуката ќе ја носи судот по претходно прибавено мислење на јавниот обвинител.
-Добро е што е така, затоа што е многу подобро отколку да формираа комисија во Собрание и тие да одредуваа за кого важи амнестијата, рече Рускоска.
Посочи дека, според нејзино мислење, Законот не е сосема точно, прецизно донесен, така што најави дека ќе има консултации со јавниот обвинител на Република Македонија и со колегите од ЈОРМ.
И професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Гордан Калајџиев смета дека Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април содржи чудни решенија кои ќе имаат правни последици и вели дека политиката и натаму се меша во правосудството.
-Не сум сретнал ваква амнестија во која особено е спорно тоа што се вклучуваат и судовите и обвинителство. Значи врз основа на Закон што го донело Собрание, по мислење на обвинител, со решение на суд, по барање на обвинетите е едно чудно решение кое по моја проценка ќе влече на некој начин опашки, правни последици. Така што мислам дека можеше да се избере поедноставно решение. Очигледно дека предноста ја имаа некои политички причини што повеќе или помалку и се познати на јавноста, вели Калајџиев, коментирајќи го Законот за амнестија во изјава за медиумите дадена по промоцијата на Коментарот на Законот за кривична постапка.
Според него, со Законот се потврдува праксата на мешање на политиката во судството, што е, како што вели, неприфатливо за една правна држава.
Калајџиев изразува надеж дека ќе дојде време кога ќе му се даде малку повеќе вредност на правото и на правната држава, во смисла политичарите да ги тргнат рацете од казненото правосудство и од судството во целина, но очигледно, како што посочува, приликите се уште се такви какви што се.
-Политичките елити едноставно уште го немаат достигнато тоа ниво на политичка култура да успеат да се воздржат и наспроти ветувањата кои што ни ги даваа, вели професорот и потсетува дека претходната власт паднала, меѓудругото, на тој бран на незадоволство од начинот на кој што се практикува владеењето на правото, односно владеење на една политичка автократија.
Борбата на невладиниот сектор и на сите експерти што се борат за правната држава со политичарите, според Калајџиев, очигледно ќе продолжи на подолг рок. – Борбата ќе продолжи додека и самото општество не созрее до степен на политичка и правна култура да не дозволуваат вакви излети каков што е овој последниот со амнестијата, кој да не речам, не е многу подобар од оној со амнестијата и помилувањето на Ѓорге Иванов, посочува професорот Калајџиев.
Андреј Божиновски правен советник во Здружението за кривично право смета дека донесениот Закон за амнестија има правни нелогичности, односно целиот закон е правно нелогичен, содржи конфузни одредби за улогата на судот и на обвинителството.
Македонското Собрание завчера по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година.
Согласно законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.