Дали зголемените пензиски придонеси ќе влијаат на намалување на платите во 2019 година?
Од први јануари почнува примената на сетот мерки за реформи на пензискиот и даночниот систем. Со една мерка се предвидува зголемување на придонесот за пензиско и здравствено осигурување, па работодавците ќе ја пресметуваат јануарската плата со стапка повисока за 0,5 отсто во споредба со претходните месеци. Според објаснувањето на министерката за труд и социјала Мила Царовска, оваа нова повисока стапка треба да донесе од секој вработен од 100 до 200 денари повеќе во пензискиот и во здравствениот фонд, во зависност од висината на платата.
Се поставува прашање, врз чиј грб ќе падне овој трошок, на работникот или на работодавецот? Формално- правно, бидејќи кај нас се применува моделот на исплата на бруто плата, сите вработени од идната година би требало да примаат пониска нето плата за овие 100- 200 денари, односно нето платата е тоа што ќе остане откако од бруто платата ќе се издвојат сите придонеси и задршки на вработениот.
Но, од Организацијата на работодавачи на Македонија, како еден од партнерите во Социјалниот совет, доаѓаат добри вест за работниците. Претседателот на ОРМ, Ангел Димитров уверува дека тие ќе ја покријат оваа разлика, со цел платите на работниците да останат непроменети.
– Како дел од Социјалниот совет, заедно со Владата и Синдикатот, дадовме подршка за оваа реформа. Прво, затоа што пензискиот фонд навистина е во катастрофална состојба и мора да го поставиме на стабилна основа бидејќи еден ден сите ќе бидеме пензионери. Втората причина е тоа што Владата беше внимателна при законската измена и не отиде со висока стапка туку само со 0,5 отсто. Овој процент не треба да е проблем и преголем финансиски товар за работодавците да го покријат од сопствени извори- вели Димитров. Според него, во моментов Македонија се соочува со поголем проблем, а тоа е недостиг од квалификувана работна сила, па затоа и не треба да се очекува намалување на платите.
Инаку, од овие 0,5 отсто во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе одат 0,4 отсто, а во Фондот за здравствено осигурување 0,1 отсто. Со овие реформи, според Царовска дефицитот на пензискиот фонд од 310 милиони евра ќе се намали на 275 милиони евра.
– Дефицитот во ПИОМ е зголемен за 150 отсто и изнесува повеќе од 19 милијарди денари. На тоа влијаеа политиките за ослободување од придонеси, намалување на придонесите, а не се зголемија платите. Имаше ад хок зголемување на пензиите без соодветна анализа. По спроведување на реформите очекуваме долгот на ПИОМ да се намали на 16,9 милијарди денари- рече Царовска.
преземено од Фактор.мк