Промаја: балканскиот феномен и нејзините последици

Без разлика дали е лето или зима, Балканците водат вечна борба со промајата и нејзините последици. Овој феномен е толку длабоко врежан во начинот на живеење на Балканот, што и BBC го истражи во посебна сторија.

Што е промаја?

„Затвори го прозорецот, ќе те убие промаја“ е реченица што често се слуша на Балканот. Сепак, точна дефиниција за тоа што е промаја – нема – пишува BBC.

Најточен опис би било струење на воздух или ветре што се јавува поради отворени врати или прозорци на спротивни страни на една просторија или објект.

Според народните верувања, промајата е опасна по здравјето и од неа може да се добие настинка, вкочанување и други здравствени состојби.

Од промајата најмногу се плашат постарите луѓе, но има и млади луѓе кои се штитат од овој феномен.

Покрај здравствените проблеми, промајата може да биде причина и за расправии во јавниот превоз околу тоа дали треба да биде отворен прозорецот во автобус во движење или не.

Лекарите истакнуваат дека промајата не постои, но тоа не го намалува стравот кај Балканците и таа и понатаму е еден од нивните најголеми непријатели.

„Струењето на воздухот е корисно и се препорачува неколку пати во денот – во кое било годишно време – да се проветруваат просториите во кои се престојува“, истакнува за BBC Невенка Димитријевиќ, примариус специјалист по општа медицина од Србија.

Потекло на зборот

Зборот промаја постои и во другите јазици – најблизок превод на аглиски јазик би бил „draft“ – но никаде на светот нема негативна конотација како на Балканот.

Лингвистот Иван Клајн за BBC на српски јазик вели дека промајата е „одамна одомаќинет збор од словенско потекло“.

„Зборот промаја постои во речникот на Вук Караџиќ од 1818 година. Има словенски корени од зборовите ‘махати’ и ‘промахати’, каде буквата ‘х’ преминала во ‘ј’“, објаснува Клајн.

„Странците главно ја преведуваат промајата како проветрување. Тоа значи само повеќе свеж воздух во просторијата, што секаде се доживува како нешто здраво и никаде на светот го нема тој наш страв дека некако ќе ни наштети“, вели тој.

Чудовиштето Лох Нес на Балканот

Иако промајата е најголем страв на постарите луѓе, и младите од Балканот се чуваат од неа.

Лука Грубиша, кој е роден во Босна и живее во Подгорица, за BBC вели дека промајата е „нашето чудовиште од Лох Нес – сите зборуваат за неа, но никој ја нема видено“.

„Луѓето околу мене се плашат од секакво струење на воздухот, секогаш има некој кој бара да се затвори прозорец, да се сврти вентилаторот во друг правец или да се исклучи клима уредот“, вели 28-годишниот Грубиша.

Милана Човакушиќ од Бања Лука вели дека од мала ја учеле дека едноставно не смее да бидат отворени два прозорци на спротивна страна од станот.

„Ако некој дома случајно остави нешто отворено, одеднаш во еден глас се слуша ‘Затворај, промаја!’, небаре доаѓа најголемиот непријател“, вели Милана.

Таа нагласува дека се шокирала кога во разговори со пријатели од други земји дознала дека тие не знаат што е тоа промаја и „опасноста“ од неа.

„И што е уште полошо, излегуваат на промаја со мокра коса. Сета среќа не ја знаат баба ми, каква лекција би им одржала!“, додава 26-годишната Милана.

Слична ситуација има и на Косово. Мимоза Дили од Приштина, која сега живее во Франкфурт, вели дека секогаш ѝ било смешно што во другите земји „немаат промаја“.

„Некаде прочитав дека земјите на Балканот толку се навикнати на меѓусебни проблеми, што сега кога живеат во мир може да се расправаат само со воздухот“, вели низ насмевка 23-годишната Мимоза.

Во текстот на BBC се наведува дека слични проблеми со промајата имаат и Македонците. Снеже Китаноска (29) нагласува дека „главен осомничен“ кога нешто те боли е – промајата.

Иван Василески (25) од Прилеп раскажува анегдота за промајата кога бил на летување со родителите во Албанија. Било многу жешко и татко му се обидувал да му објасни на домаќинот каде што престојувале дека сака некако да се разладат. Бидејќи биле „изгубени во преводот“, тој мавтал со раце за да објасни, а домаќинот го фатил за рака и го однел на местото во куќата каде „секогаш дува промаја“.

„Од смрдеа никој уште не умрел, ама од промаја – да!“

25-годишниот Мислав Чимиќ од Хрватска исто така потврдува дека и кај нив често се слуша реченицата „внимавај, ќе те убие промаја“.

„Ти тече носот? Промаја! Те боли увото? Промаја! Те боли грлото? Промаја! Промајата е извор на сите зла и здравствени проблеми и од неа треба да се чуваме како од најголем непријател“, вели Мислав низ смеа.

“Мајка ми ми има раскажано една приказна дека кога била девојче лежела на болница поради воспаление на белите дробови и медицинските сестри едно утро ги отвориле сите врати и прозорци за да се проветри просторијата. Кога дежурниот лекар ја почувствувал промајата, налутено им викнал: ‘Затворајте ги прозорците! Од смрдеа уште никој не умрел, ама од промаја-да!’“, раскажува Мислав.

Промајата е корисна

Доктор Димитријевиќ за BBC нагласува дека промајата не постои и дека она што луѓето на Балканот го сметаат за промаја е всушност проветрување што е корисно за здравјето.

Таа нагласува дека е потребно често да се проветруваат просториите во ои се престојува за да не се задржува прашината на која се лепат бактерии, вируси и останати микроорганизми што може да предизвикаат проблеми, алергиски реакции и други заболувања на дишните патишта.

Translate »