По првата 5G операција, технологијата на петтата генерација дефинитивно ја револуционизира медицината!
Oколу 143 милиони операции годишно во светот не се реализираат поради недостиг на доволно медицинска експертиза! 5G технологијата би можела драстично да ја промени оваа состојба и да спаси милиони човечки животи. Првата операција помогната од 5G, изведена неодамна во Барселона, ги дава насоките како технологијата ја менува медицината и можноста да се спасат милиони човечки животи!
Автор – Верица Јорданова
27 февруари 2019 година ќе остане запишан како историски ден за технологијата и за медицината! Ова е денот кога пред очите на светската јавност, на Светскиот мобилен конгрес во Барселона, се изведе првата хируршка операција во светот со помош на технологијата на петтата генерација.- 5G. Преку видео пренос овој историски чин можеше да го види целиот свет! Експертската јавност, како впрочем и за се револуционерно што се појавува, има поделени мислења. Од оние кои мислат дека 5G потпомогнатата медицина е моементален балон кој наскоро ќе пукне и ќе се заборави, до оние кои сметаат дека новата генерација на Интернет конекција ќе донесе сосема нов квалитет во медицинската индустрија. Но, едно е сигурно, технологијата ставена во функција на заштитата и подобрувањето на човековото здравје е новата реалност!
„Иновативност“ анализира што после првата 5G поддржана операција? Како технологијата ја подобрува медицината и што е следно?
Д-р Антонио де Леси
За настанот кој го возбуди светот!
Првата хируршка операција напрвена со помош на 5G ја изведе шпанскиoт доктор Антонио де Леси во директен видео пренос на Светскиот мобилен конгрес во Барселона. Да појасниме. Интернет технологијата веќе се користи во медицината и не е нешто невидено. И досега видео конекции се користени при реализација на хируршки интервенции, но заради доцнење во преносот на информациите, сликата од местото на операцијата се замрзнувала, па се чекал повратен одговор од докторот кој е на друга локација што практично го одолговлекувало процесот на интервенција и ја зголемувало можноста од компликации. Иновативниот и револуционерен момент е што сега 5G овозможува минимално доцнење при пренос на информациите преку видео и подобра слика од претходните мрежи. Со тоа се минимизира ризикот од грешки за време на оперативниот зафат и се обезбедуваат повеќе навремени информации за медицинскиот тим.
За време на операцијата на пациент со рак на црева, доктор де Леси даваше совети и техничка помош преку 5G во реално време на тимот на лекари кои ја изведуваа операцијата во болница во Барселона, на само осум километри одалеченост од местото на одржување на Самитот. Во текот на оваа операција преку 5G, врската имаше доцнење од само 0,01 секунди, што е значително помалку од 0,27 секунди на 4G мрежите кои моментално се користат во светот.
Брзината на пренос на информациите е клучниот адут на 5G и клучен во реализација на сонот на многумина – ефикасна хирургија на далечина која би можела да спаси многу човечки животи и да заштеди огромни средства во медицината.
„Ова е прв чекор кон нашата цел на правење хируршки операции на далечина во блиска иднина“, изјави по операцијата д-р де Леси.
“Ако правите операција на далечина мора да имате впечаток дека сте лично присутни на лице место на операцијата. За да се постигне тоа не смее да има повеќе од една или две милисекунди доцнење и затоа 5G е вистинската технологија тоа да се постигне“, објаснува хурургот чие име со оваа операција останува запишано во историјата на медицината.
Како всушност 5G помогна во оваа операција?
Тим од доктори се наведнуваат над пациент покриен со бел чаршав, а на голем екран зад нив се гледа видео од цревата на пациентот. Одеднаш на екранот се појавува жолта линија која ја црта доктор де Леси, а која на докторите во операционата сала им покажува каде да сечат. Се слуша и глас од докторот кој цело време ја води операцијата и дава инструкции во реално време.
Д-р Антонио де Леси, директор на одделот за гастроинтестинална хирургија во Hospital Clinic во Барселона, беше присутен во салата каде се одржуваше MWC и оттука даваше совети на својот тим кој беше на другата страна на градот. Во реално време, без никакво доцнење, тимот можеше да види се што обележува д-р де Леси и какви инструкции им дава на докторите во операционалата сала.
Ова не е реално шоу, туку операција која се одвиваше во реално време, но на далечина. Оваа операција ги извади на виделина можностите на 5G технологијата на новата генерација која допрва ќе се шири во светот. Но, клучниот фактор за да се овозможи ова несекојдневно искуство беше поставената 5G мрежа на Vodafone во болницата во Барселона и во салата број 4 на Фира Гран Виа, каде што се одржуваше Светскиот мобилен конгрес.
Ова е еден од најдраматичните примери како 5G ќе ни ги смени животите во иднина. Долго време се зборува дека станува збор за револуционерна технологија која невозможното ќе го направи возможно. Податоците по оваа мрежа патуваат со 10 до 100 пати поголема брзина отколку со денешниот најбрз Интернет.
Не помалку важен фактор за успешноста на 5G поддржаната операција е и технолошката софистицираност на самата операциона сала. Проектот се спроведуваше во Оптимус, најсофистицираната операциона сала во светот опремена со 5G, која се наоѓа во болницата Hospital Clínic во Барселона.
Оптимус е интегрирана, роботизирана и дигитализирана операциона сала која има интегрирана big data технологија и паметно осветлување. Салата има интегрирано решение за аудиовизуелно снимање на се што се случува внатре, од секој можен агол и ги испраќа информациите во живо надвор од операционите простории.
Со овој проект базиран на 5G технологијата на новата генерација концептот на теле-хирургија ќе отиде чекор понапред и специјализираните хирурзи кои физички не се присутни таму, ќе можат ефикасно и во реално време да има даваат насоки на хирурзите кои се во салата.
Иднината!
Оваа технологија може да има големи импликации врз здравствената заштита и врз други области од животот. Сето медицинско знаење на човештвото се дуплира секои 18 месеци, вели д-р Леси, па не постои начин докторите да ги следат сите најнови откритија. Можноста специјалист на далечина да ги советува помалку искусните доктори ќе ги зголеми шансите за преживување на пациентите, особено тешко болните. Но, најпрвин, пораката мора да се пренесе доволно брзо како гаранција дека инструкциите ќе бидат примени. Секое доцнење може да го загрози нивниот живот!
Уште еден податок е многу важен за да се види значењето на 5G во медицината. Околу 143 милиони операции годишно во светот не се реализираат поради недостиг на доволно медицинска експертиза. 5G технологијата на новата генерација би можела драстично да ја промени оваа состојба и да спаси милиони човечки животи.
Експертите предвидуваат дека во иднина 5G ќе им овозможи на хирурзите да контролираат роботски раце и да вршат операции на оддалечени локации каде што нема специјализирани доктори.
Публиката присутна во салата на Светскиот мобилен конгрес беше скаменета од она што го виде. Милиони луѓе ширум светот го видоа видеото од она што таму се случи. Информациите со кои секојдневно сме бомбардирани за тоа какво добро на човештвото ќе донесе петтата генерација на мобилен интернет, сега доби своја персонификација и визуелизација преку спасување на човечки живот. Ова е доволен аргумент кон тезата дека новите технологии дефинитивно се добредојдени за подобра благосостојба на човештвото!