Грипот годинава е поагресивен и затоа предизвикува компликации и смрт
Епидемиолозите очекуваат да има сè потешки случаи на мутиран свински грип, кој предизвикува потешки компликации. Проф. д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вели дека оваа сезона се изразени чести промени и мутации на овој вирус.
– Тие се многу чести кај вирусот на инфлуенца и затоа оваа година добивме поагресивен подтип на вирус, којшто предизвикува сериозни компликации, па и смрт – вели Кузмановска.
Епидемиолозите предупредуваат дека грипот не треба да се сфаќа несериозно. Повторуваат дека најефиксна заштита од него е вакцината.
Инаку, што се однесува со состојбата со мали сипаници, минатата недела се регистрирани дури 104 нови случаи. Епидемијата е во ек, има пораст на бројот на заболени, а оваа бројка неделава е најголема досега. Во Институтот за јавно здравје велат дека сезоната на сипаниците и на грип ќе траат уште неколку недели.
Од почетокот на епидемијата во Скопје во декември лани, на ниво на држава се регистрирани вкупно 659 случаи на мали сипаници, од кои 522 се пријавени во Скопје. Од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст, кои подлежат на вакцинација со прва или втора доза, изнесува 11.052 деца.
Во останатиот дел од државата, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст со прва или втора доза, изнесува 6.200 деца.
Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата држава изнесува 17.252.