Тројцата кандидати за претседател на државата ќе се заложат за укинување на привилегиите што ги има претседателот на државата
Тројцата кандидати за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река доколку бидат избрани на функцијата ќе се заложат за укинување на привилегиите што ги има претседателот на државата и за надминување на поделеноста и партизираноста на општеството.
Река на првата дебата на ТВ Телма порача дека очекува и Македонците да гласат за него, а Силјановска Давкова посочи дека на изборите не гласаат партите, туку граѓаните поради што ќе ги претставува сите и тоа го смета како вистински залог за помирување. Пендаровски, пак, смета дека поддршката што ја има од широк спектар на граѓани му дава легитимитет да повика на обид на намалување на поделбите и најави дека наместо лидерски средби ќе воспостави форум за натпартиски дијалог во претседателскиот кабинет за сите болни точки во кој ќе учествуваат сите граѓани.
Река посочи дека ќе ја затвори претседателската вила на Водно доколку биде избран за претседател и парите за нејзино одржување ќе ги пренасочи за амбуланти, детски градинки и училишта, ќе формира советодавен орган од сите заедници во државата кој на месечна основа ќе ги следи сите текови во државата.
Силјановска Давкова ќе побара од пратениците да ги сменат решенијата од законот за привилегиите на претседателот на државата, а во сите тела каде има овластувања ќе се опкружи со стручни и компетентни луѓе и ќе го спроведува мотото – правда, право и морал.
Пендаровски порача дека на максимум ќе ги редуцира привилегиите на претседателот кои не соодветствуваат со скромните ресурси на државата, како што се обезбедувањето, а првиот ден ќе ги повика и сите вработени во кабинетот и ќе им соопшти дека додека е на функцијата кон никого нема да има никаков партиски реваншизам.
Силјановска Давкова и Река се скептични во однос на добивањето датум за преговори за членство во Европската унија во јуни годинава, а Пендаровски смета дека сите сигнали до овој момент се позитивни и се во таа насока.
-Не сум сигурен дека во јуни нема да добиеме датум за преговори со ЕУ. Доколку го задржиме ова темпо што го имаме мислам дека се на наша страна сите шанси да добиеме датум за преговори во текот на годинава, порача Педаровски. Според него сите сигнали се позитивни и одат во таа насока, а потребно е да имаме кристално чисти избори, но и да се види каква ќе биде композицијата на Европскиот парламент по евроизборите во мај и дали ќе има поголемо присуство на евроскептиците.
За Река со политизирано судство, непотизирана јавна администрација, Врховен суд кој толкува закони, со Собрание кое амнестира и имунизира пратеници обвинети од Судот и неизвесно СЈО не сме блиску до позитивен извештај за добивање датум за почеток на преговори.
-Европската комисија може да препорача почеток на преговори, но земјите-членки може и да не го усвојат Извештајот на ЕК. Има уште три земји кои се многу скептични и не се убедени дека сме подготвени за почеток на преговори. Многу јасно ни рекоа дека ако за НАТО затворивме очи заради геостратешки цели, ЕУ е сосема друга приказна и тоа не проаѓа, посочи Река.
Силјановска смета дека сме далеку од исполнување на Копенхагеншките критериуми, но проблем е и најавеното вето од Мицотакис поради што не очекува да добиеме датум за почеток на преговори.
-Ако почнуваме и завршуваме со поглавјата 23-24 и ако знаме дека таканаречениот Совет за судски реформи не заседава, а на негово чело стои премиерот јасно е каде одиме во поглед на независното судство. Да не повторувам што се случуваше со Законот за амнестија, измените на Кривичниот законик,… Она што ме загрижува, иако од срце сакам да добиеме датум за преговори после девет позитивни извештаи, е што Мицотакис најавува дека ќе не блокира и таму ,а шансите тој да победи се големи. ЕУ има сериозни сопствени проблеми врзани за Брегзит и се разбира дека ќе ги решава нив, бидејќи и се најважни, посочи Силјановска Давкова.
На тоа Пендаровски рече дека во јуни Мицотакис нема да може да блокира и додаде дека одредувањето на идниот статус на СЈО ќе биде клучниот услов за добивање на датум за преговори.
-Ако не го донесеме воопшто не треба да размислуваме за какви било други услови, рече Пендаровски и додаде дека главната опозициска партија не сака СЈО да постои во било каков облик.
Со него се согласи и Река кој рече дека доколку сакаме со партиски пазарење да го уништиме СЈО нема ништо од политичкиот критериум од Копенхаген и првната држава. – Ова што го гледаме во последните неколку месеци не е ни правна држава ни владеење на правото, тоа е владеење на култот на личноста и на двата главни политички лидери во државата, рече Река.
Силјановска Давкова му порача дека е илузионизам да мисли дека со донесувањето на закон за СЈО правно ќе се реши нешто друго.
-ЕУ го следи судството кај нас и тоа е далеку од независно. Не очекувам да добиеме датум за преговори, туку да се најде некое друго решение. Не станува збор само за измена на законот за СЈО, туку и на Кривичниот законик која е персонализиран наменски за некои луѓе од партија која го поддржува Пендаровски да бидат бајпасирани и да не можат да бидат процесуирани нивните случаи. Однадвор го забележуваат тоа, рече Силјановска Давкова.
Пендаровски ја праша како може да ја убеди јавноста дека се залага за правна држава кога почесниот претседател на партијата која ја поддржува е во бегство и побара јавно да каже дека тој треба да се соочи со правдата, на што Силјановска Давкова рече дека не може да ја преземе одговорноста на партијата која ја отворила врата за нејзина кандидатура.
– Таа ќе си одговара и апсолутно ниту моите гревови се нејзини, ниту нејзините се мои, но ве предупредувам и вас и премиерот да престанете да барате од луѓето да се обвинуваат и да осудуваат. Постапката е во тек, Судот треба да суди, не смеат државници да даваат и да бараат коментари, потенцира Силјановска Давкова.