Шамијата повторно жешка тема во Германија |
Дојче веле
Ретко која дебата во Германија е водена толку емоционално како онаа за носењето шамии од страна на муслиманките. Дали ова парче штоф е израз на верската слобода или симбол за угнетувањето на жената во исламот? И каде и кога смее да се носи? Со прашањето дали, на пример, учителките во државните училишта смеат да ја покриваат главата, се занимаваа дури и германските судови. Притоа, во различни покраини се донесени различни одлуки, што значи и тука не постои единство. Најновото поглавје во долгата дебата сега е испишано во Универзитетот „Гете“ во Франкфурт на Мајна, а предизвика бранувања во целата земја. Што се случи? Обвинување за ширење исламофобија Етнологот Сузане Шретер, која од 2008 година како професорка, меѓу другото, го истражува и исламот во Европа, на конференција на 8 мај планира да дискутира околу носењето шамија. Тема на собирот е: „Исламската шамија – симбол на достоинство или на репресалија?“ Но, уште пред конференцијата, таа се соочи со бран критики. Мала група студенти ја критикува намерата, обвинувајќи ја професорката дека со конференцијата сака да шири одбивност кон муслиманите и барајќи нејзина оставка. Цухер Јацмати, член на иницијативата „Универзитетот против антимуслиманскиот расизам“, во разговор со Дојче веле на ваков начин ја аргументира критикатата: „Самото прашање за оценка дали некој носи шамија или не, за нас не се поставува. Засегнатите тоа ги нервира, а се води преку нивен грб.“ Дискусиите како оваа придонесуваат за напади против муслиманските жени, тврди тој. На Јацмати му пречи и составот на учесниците на конференцијата, посебно учеството на новинарката Алис Шварцер, издавач на феминистичкиот женски магазин „Ема“, како и на критичарката на исламот – Некла Келек. „Госпоѓа Келек во јавноста веќе има изнесено крајно проблематични ставови и придонесува за расистички дискурс. Ако се дискутира на темата, тогаш само со луѓе кои самите носат шамија и можат да зборуваат сами за себе“, инсистираат од иницијативата, барајќи откажување на конференцијата. Откажување на конференцијата не е во план Професорката меѓутоа воопшто не помислува да ја откаже конференцијата. „Поаѓам од тоа дека ова е сосема нормална стандардна конференција, која не предизвикува возбуда. За шамијата дискутираме речиси веќе 20 години“, изјави Сузане Шретер за агенцијата ДПА. Истовремено, дебатата за шамијата како симбол, кај сите страни е полна со емоционален набој. Желбата на Шретер со конференцијата е единствено да се стави во општествен контекст контроверзната изложба „Современата муслиманска мода“, која моментно се прикажува во Музејот за применета уметност во Франкфурт. За таа цел на конференцијата се поканети и приврзанички на носењето шамија, како теологот и експерт за коранот Дина ел Омари, која и самата носи шамија. И универзитетското раководство застана зад Сузане Шретер. Организирањето конференции со спротивставени гласови е дел од нашата задача, истакна претседателката на Универзитетот, Биргита Волф. Универзитетот како место на дискурс За Сузане Шретер е важно Универзитетот да се залага за слобода и плурализам на мислења: „Универзитетот е место каде што можат да се одвиваат дискусии и каде што мали групи лобисти не можат да одлучуваат што смее да се кажува, а што не.“ Во интервју во весникот „Ди велт“, критиката таа ја означува како „застрашување“, „оцрнување“ и напад врз слободата на мислење. Со обвинувањето за „антимуслимански расизам“ во исламот се одбива секаков вид критика, додава таа: „Како исламофобија се оценува дури и самото начнување одредени теми.“ Засега нема компромис на повидок. Цухер Јацмати истакнува дека при направениот состав на учесниците не може да прифати и тој или некој од иницијативата да биде гостин на конференцијата. Но, досега тој немал директен контакт со професорката. Во меѓувреме, инстаграм-профилот на иницијативата веќе не е достапен, Јацмати претпоставува дека имало повеќе пријави од други корисници. Дежурната спорна тема – шамија Сузане Шретер порано во повеќе наврати се изрази критички за носењето шамија. На манифестација на невладината организација за женски права „Тер де фам” (Terre des Femmes) лани во август, таа изјавила дека шамијата ги ограничува жените и често е поврзана „со цел пакет натамошни правила на однесување“. На почетокот на април годинава таа објави статија во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ со наслов: „Што конкретно има Господ против непокриена коса? Оној кој се одушевува од исламската мода, не смее да ја превиди нејзината угнетувачка страна.“ Неодамна, пак, Сојузот на германски факултети издаде остро предупредување против ограничувањата на слободата на мислење на германските универзитети. „Спротивставените мислења мора да се почитуваат и издржуваат. Судирите со неистомислениците треба да се водат во вид на полемики со аргументи, а не со бојкот, омаловажување, мобинг или дури насилство“, потенцира претседателот на Сојузот, професор Бернард Кемпен.
Шамијата повторно жешка тема во Германија | opserver.mk