Приватните агенции за обезбедување ќе ги чуваат и воените касарни?

Да се воведе приватно обезбедување во објектите на АРМ и Министерството за одбрана е идејата која денеска неформално ја промовираа професорот и продекан на Факултетот за безбедност Марјан Ѓуровски и Верица Милеска – Стефановска, претседателката на Комората за приватно обезбедување. Агенциите за обезбедување би ги замениле стражарите преку јавно-приватно партнерство, навестија Ѓуровски и Милеска – Стефановска, а преку истиот модел би можело да се регулира и обезбедувањето на целата критична инфораструктура.

Ѓуровски ја навести оваа можност зборувајќи за јавно-приватното партнерство како еден од осумте столба на безбедноста, односно приоритети во реформата на безбедносниот систем, на денешната промоција на изданија на Факултетот за безбедност и дебата за безбедносните предизвици. Тој нагласи дека е потребен закон за интегрална безбедност, кој би го опфатил и приватното обезбедување.

Министерството за одбрана денеска немаше коментар на најавата, но посочи на Стратегискиот одбранбен преглед (СОП), документ за развој на одбраната кој, во своето второ издание, беше усвоен минатата година. Во СОП оваа можност се споменува на четири места, како една од мерките за „дивестирање на несуштинските дејности“, односно ослободување на војската од сите функции кои не и се витални.

– Стратегискиот одбранбен преглед од 2004 година беше проследен со значително дивестирање на одбранбени функции, но очигледно е дека постојат дополнителни можности за понатамошни активности во оваа област. Тука спаѓа обезбедувањето на воените објекти кое го вршат припадници на АРМ, што не е најдобар начин за употреба на обучени војници – стои во делот за одбранбени ресурси во Прегледот.

Оваа можност се споменува и во делот за реформи на Министерството за одбрана, каде се наведува дека „со дополнителни студии ќе се разгледа делокругот на работа и опстојувањето на 34 подрачни единици на МО, како и можностите за понатамошно дивестирање на несуштинските дејности кои во моментов ги обезбедува одбраната (угостителски услуги и сместување, одржување на хигиена и на инфраструктурата, дел од логистички активности и заштита на дел од воените објекти).“

Во поглавјето за развој на одбраната, пак, стои:

– Ќе ги разгледаме можностите за дополнително дивестирање на несуштински дејности, вклучувајќи го и физичкото обезбедување.

Од друга страна, јавно-приватното партнерство, но и обезбедување на критичната инфраструктура се меѓу стратегиските цели на Комората, опишани во Стратегијата за развој на приватното обезбедување и во придружниот Акциски план, два документи развиени од стручен тим предводен токму од професорот Ѓуровски.

– Сепак, државата има задржано ексклузивитет во вршење обезбедување во специфични сегменти, како на пример: обезбедувањето на објекти на МВР или МО, кампови за бегалци и мигранти, обезбедување кое го врши судската полиција итн. кои потенцијално би можеле да претставуваат предмет на јавно-приватно партнерство, секако со интервенции во материјалното законодавство од предметната проблематика – стои во Стратегијата.

Според Милеска Стефановска, во земјава работат 76 компании за приватно осигурување кои имаат околу 5.000 вработени, а 55 фирми имаат сопствено обезбедување. АРМ, пак, со новата формација ќе има околу 6.800 активен персонал.

Translate »