Токсичниот линдан во Пеленица доби жичана ограда, но без никакви ознаки, забрани или предупредувања
Оградена е депонијата на линдан лоцирана во месноста Пеленица блиску до скопската населба Драчево. По потврдата од Министерството за животна средина нашата екипа беше на локацијата и таму навистина затекнавме ограда, но од обична жица, со жичана врата и катанец, без никакви ознаки за што станува збор или предупредувања и забрани.
По повеќе од три децении, на просторот каде што се претпоставува дека лежат закопани близу 8.000 тони од опасниот пестицид линдан, е спречено движењето на луѓе и стока. Линданот, според кажувања на очевидци, на локацијата во близина на драчевскиот манастир Пеленица, на патот кон селата Долно и Горно Количани, бил депониран во седумдесетите години од минатиот век од страна на производителот, скопската фабрика ОХИС, откако било забрането неговото производство и употреба.
Засега, државата не предвидела буџет ниту пак одлучила како понатаму ќе се справува со проблемот со оваа, инаку трета позната локација каде е депонирана опасната хемикалија.
– Примарно беше локацијата да се загради за да се спречи движењето во нејзина близина, но допрва е потребно да се изнајдат пари во буџетот за да се извршат опсежни анализи и да се утврди во каква концентрација, каде точно и на која длабочина се наоѓа линданот – вели Ана Петровска, државен секретар во МЖСПП.
Таа додава дека е во план да се аплицира за таа цел за средства од ЕУ фондови.
– Во моментов сме фокусирани на справување со двете депонии на линдан што се наоѓаат во кругот на некогаашната фабрика ОХИС, но, Владата нема да ја заборави ниту оваа во Пеленица – вели Петровска.
Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.
Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките.
Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.
Под притисок на јавноста, а пред се на екологистите и по пишувањето на „Мета“, МЖСПП минатиот декември објави забрана за организирањето ученички екскурзии во Пеленица, токму во близина на тогаш необележаната депонија на линдан
Се претпоставува дека линданот најпрвин почнал да се депонира токму во месноста Пеленица, се додека не се утврдило дека количеството на опасната хемикалија било преголемо за да се носи дотаму па подоцна се продолжило со нејзино депонирање во фабрилкиот круг на ОХИС.