КОМИСИЈАТА ПРЕДЛОЖИ ОДЗЕМАЊЕ НА ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ НА ГРУЕВСКИ, ВМРО-ДПМНЕ НЕ ГЛАСАШЕ
Со пет гласа ,,за”и ниту еден против и воздржан пратениците на денешната седница на Комисијата за мандатно имунитетни прашања дадоа зелено светло Собранието да расправа за одземање на пратеничкиот мандат на екс-премиерот и пратеник Никола Груевски.
Опозицијата не гласаше – за ВМРО-ДПМНЕ азилот не е неоправдано отсуство, на комисиката седница која траеше нешто помалку од еден час пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ не му дозволила на Груевски да се пријави како отсутен. Цитирајќи делови од уставот од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека почесниот претседател на партијата не е бегалец туку лице кое добило политички азил во земја членка на ЕУ.
Вчера по седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – тие ги повикаа своите членови да гласаат согласно Уставот и законите. На Никола Груевски поради шестмесечно неоправдано отсуство од работата во Собранието и бегството во Унгарија по закон му следува одземање на мандатот.
За власта ова е не почитување на сопствените одлуки – тие денеска ги повикаа пратениците од опозицијата да гласаат за одземање на мандатот на Грувески на пленарната седница.
Според информациите пленарната седница за пратеничкиот мандат на Груевски ќе се одржи помеѓу 9 и 14 јуни, во исто време кога се најавува и реконструкцијата на Влада. Ова ќе биде втор обид на Собранието за одземање на мандатот на Груевски, за што потребно е двотретинско мнозинство.
На комисиската расправа опозицијата побара да се додоплни дневниот ред со уште една точка која се однесува на оставката на пратеникот Павле Богоевски, но овој предлог не беше прифатен.