ВИДЕО: Ливерпул го надигра Тотенхем за 6-та титула во ЛШ!
Фудбалерите на Ливерпул не грешат двапати и во своето второ финале по ред успеаја да се искачат на кровот на фудбалска Европа и да го грабната трофејот од Лигата на шампионите. Тимот од „Енфилд Роуд“ по шести пат го освои најпрестижното европско клупско натпреварување, откако во големото финале на „Ванда Метролопитано“ со сигурни 2-0 го совлада големиот англиски ривал Тотенхем.
Судејќи по последните меѓусебни натпревари, кои изобилуваа со многу возбудувања, отворен фудбал и голови, се очекуваше вистински фудбалски спектакл, но англиските гиганти тотално разочараа во Мадрид го одиграа можеби едно од најлошите и најдосадните финалиња за титулата во ЛШ. Тотенхем како да се истроши во полуфиналето против Ајакс и одигра катастрофално, додека Ливерпул поучен од ланскиот пораз од Реал Мадрид не дозволи нова бламажа и играше онолку колку што беше потребно за голем триумф, кој му го донесоа првата ѕвезда Мохамед Салах и резервистот Дивог Ориги.
На еден час пред мечот решена беше најголемата дилема во последниот период и Маурицио Почетино се реши од првата минута на терен да истрча со својата прва ѕвезда Хари Кејн. Друштво во нападот на англискиот голгетер му правеа Сон, Али и Ериксен кои во првите 45 минути одиграа далеку под своите очекувања. На спротивната страна Јирген Клоп одлучи да стартува со проверени сили и со Матип на местото на Ловрен во дефанзивата.
Финалето започна како што посакуваа сите фудбалски фанови, особено оние на Ливерпул, со гол уште по само 120 секунди игра. Муса Сисоко несмасно играше со рака во својот казнен простор, па Скомина без многу размислување покажа на белата точка. Сигурен реализатор на пеналот беше Мохамед Салах, кој биеше по средината на голот за водство на Ливерпул од 1-0.
Сепак, раното отворање на резултатот не донесе отворен фудбал во продолжението, пред се заради фантастичната координација на средниот ред на „црвените“, предводен од Хендерсон, Фабињо и Вајналдум, кој навремено ги решаваше сите напади на противникот и ја држеше контролата на мечот во свои раце.
Така по едно додавање на Хендерсон, десниот бек Арнолд од далечина се закани кон голот на Лорис, додека неговиот колега од спротивната страна Робертсон ја имаш најзрелата шанса за нов гол на Ливерпул, но Лорис со чудесна одбрана спаси нова капитулација. Токму двете шанси на дефанзивците на „црвените“ беа единствените возбудувања во првиот дел од дуелот во Мадрид.
Почетино без ниту една измена го започна второто полувреме, а неговите пулени нешто помотивирано тргнаа во продолжението и Деле Али во 52. минута ја имаше првата посериозна шанса за израмнување, но Ван Дијк беше на висината на задачата и навремено блокираше. Само некоја минута подоцна се закани и Вертонген со глава, но биеше над голот.
Наместо Тотенхем, Клоп прв се реши да го освежи тимот и за краток период направи две измени. На местото на Фирмино и Вајналдум во игра влегоа Ориги и Милнер, кои донесоа дополнителна цврстина во редовите на Ливерпул. Аргентинскиот менаџер на клупата на „спарси“ дури во 66. минута го направи првиот потег и шанса му даде на херојот од полуфиналето против Ајакс, Лукас Моура, а токму бразилскиот ас внесе свежина во офанзивата и во 78. минута на маки го стави Алисон Бекер, но голманот на Ливерпул не дозволи израмнување. Во самиот финиш од мечот бразилскиот голман повторно беше брилијантен, откако со крајни напори успеа да го одбрани ударот на Ериксен од слободен удар. И кога се очекуваше крај на мечот, резервистот Ориги се најде на вистинско место во вистинско време и ги постави конечнтие 2-0 за Ливерпул.
Со оваа победа Ливерпул обезбеди и Суперкуп на УЕФА против тимот на Челзи, кој во финалето на Лига Европа славеше против Арсенал.