БЕЛЧОВСКА ВЕЛИНСКА: МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ПРИЗНАТ ВО ЕУ И E ПРЕДМЕТ ВО РАМКИТЕ НА ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ ВО ХРВАТСКА

Македонскиот јазик и култура се признати во Хрватска, а со тоа и во ЕУ и се изучуваат и негуваат во рамките на редовниот образовен систем во основното и факултативно во средното образование, вели за МИА Деспина Белчовска Велинска учителка која во две основни училишта во Загреб држи настава по предметот македонскиот јазик и култура на 43 ученици.

Деспина Белчовска Велинска е дипломиран професор по одделенска настава од Русиново, крај Берово. Пред 15 години со фамилијата доаѓа да живее во главниот град на Хрватска. Таа е првата учителка по предметот Македонски јазик и култура во Загреб и во Хрватска воопшто. Во моментот им предава на 43 ученици во две основни училишта во Загреб, во ОУ „Август Карамбашич“ и во ОУ „Никола Тесла“, кое е и првото училиште во Хрватска каде учениците почнаа да го изучуваат македоскиот јазик. Белчовска Велинска е редовно вработена во хрватскиот образовен систем, во наведените училишта, со сите права и обврски и го предава четири часа неделно предметот Македонски јазик и култура, кој е рамноправен со останатите предмети, а сето тоа го финасира хрватската држава.

„Загреб е првиот град во Р. Хрватска, каде македонското малцинство пред 12 години се здоби со правото на образование и изучување на македонскиот јазик и кириличното писмо, а пред десет години вакви паралеки се отворија и во Пула, Ријека, Сплит и Осијек, а еден период и во Винковци, истакнува за МИА Деспина Белчовска Велинска.

-Кога дознавме дека според Законот за национални малцинствата во Р Хрватска, кој предвидува дека и Македонците имаат право на образование и негување на македонскиот јазик, како изборен предмет на јазиците на националните малцинства, со право на одржување на еден до пет часа неделно, јас со поддршка на македонските здруженија и преку епархијата на МПЦ во Хрватска поднесовме барање да се отвори одделение. На почетокот се јавија седум-осум ученици, хрватските власти ни дадоа поддршка и пред 12 години во ОУ „Никола Тесла“ почнав да го предавам предметот македонскиот јазик и култура, вели  Белчовска Велинска.

Додава дека за овие 12 години, интересот за учење и негување на македонскиот јазик од година на година се зголемуваше и годинава има запишано 43 ученици во Загреб.

-По завршување на основното образование, хрватската држава овозможи, нашите ученици да продолжат со учење на македонскиот јазик и култура и во средното образование. Така, веќе четири години, во Првата загребачка гимназија, факултативна настава по македонски јазик држи професорката Тимка Бурбатов Крстева, ни кажа Белчовска Велинска.

– Јас во моментов во двете училишта одржувам четири часа неделно или поточно два пати по два часа. Часовите ги држам комбинирано. Држам три часа по македонски јазик, па следниот час го поврзувам со географија во случај да ги учиме буквите, па така кога ја учиме кириличната буква О тоа го поврзувам со Охрид, за неговата историја, писменоста и сл. Ова секако зависи од старосната група на учениците. Интересно е тоа што на пример во ОУ „Никола Тесла“, каде петнаесет ученици се со македонско потекло, но останатите деца се Хрвати, кои доаѓаат да го изучуваат само македонскиот јазик и писмото, повеќе акцент ставам на учење на јазикот. Но во другого училиште, „Август Карамбашич“, имам една група деца од шесто, седмо и осмо одделение, кои се по потекло Македонци. Првите две години ги учев читање и писмото, а потоа откако го совладаа ова и по нивен искажан интерес, почнав да држам часови за македомската географија и историја. По завршување на годината, секој од нив на интернет прави презентација на пример за целата географија на Македонија и тоа го прават пред нивните родители, ни го објасни Деспина Белчовска Велинска начинот на кој се држи наставата во Загреб.

По завршување на учебната година, учениците во нивното свидетелство заедно со сите останати предмети што се задолжителни добиваат оценка и за македонски јазик и култура, со гордост констатираше првата македонска учителка во Загреб и во Хрватска.

-По 12 години јас веќе не сум приморана да барам ученици со македонско потекло да се запишат во овие две училишта да го учат македонскиот јазик и култура, бидејќи веќе повеќе години тие мене ме бараат, информацијата се шири и се повеќе наши деца се запишуваат. И нашите ученици навистина се добри и успешни ученици. На пример од прво оделение го учам Борут Пачев, кој сега е седмо оделение, кој е државен првак во Хрватска по роботика. Лани во Канада тој го освои трето место во светот, а беше прв и во Европа.

На нашето прашање како се направени вакви крупни чекори во поглед на образованието на македонски јазик во Хрватска, Белчовска Велинска веднаш  одговора дека тоа „не беше наеднаш, но Хрватите ги сакаат Македонците и како народ, а имаме и добри односи.“

-Еве и јас понекогаш не можам самата да си доловам. Имам една ученичка, Хрватка чија мајка кога студирала имала цимерка Македонка, врз која силен впечаток имало заедничкото дружење, нашите песни, нашата храна и таа оваа љубов ја пренесла на ќерката и ете таа е сега моја ученичка и го учи македонскиот јазик, дури и ја напиша училишната химна и е известител на веб страната на училиштето за нашата активност. Друг пример се една група деца Хрвати кои се запишаа да го учат македонскиот јазик и кирилицата, бидејќи се фанови на Тоше Проевски и сакале да ги разберат неговите песни,…ни кажа Деспина Белчовска Велинска.

Таа додаде дека има голема подршка од хрватската држава и од хрватските институции. -Хрватското Министерство за образование го финасира самиот предмет, мојата плата, просторот, наставните материјали и се она што ни е потребно. Веќе 12 години хрватското Министерство за образование ни го финасира и одржувањето на летните школи за малцинствата, на кои редовно одиме. Имаме подршка и од МПЦ во Хрватска и од македонските здруженија.

На нашето прашање дали има  каква било поддршка од Северна Македонија, таа ни одговори: -Ние прво сме среќни, нашата матица да знае дека ние постоиме, да го имаат сознанието дека во една европска држава македонскиот јазик е признаен и дека постои една група деца кои го учат и го негуваат македонскиот јазики и култура. Секако дека секоја друга помош е добродојдена и во смисол на наставен материјал, учебници, книги и слично, но денес и на интернет може се да се најде. Треба да напоменам дека преку македонската Агенција за иселеништво редовно организирано ја посетуваме летната школа во Охрид. Преку Е-твининг на ОУ „Никола Тесла“ стапивме во контакт и со едно основно училиште во Скопје, со намера да го посетиме. Тука е и првпат годинава организираниот Семинар за учителите во дијаспора во Охрид, од кој имам големи очекувања, ни кажа нашата прва учителка на македонски јазик за време на посетатат на МИА на Македонците во Загреб.

Следна тема во Фељтонот-Готова ентериерната изградба на македонскиот православен храм во Загреб, наша прва црква во регионот и разговор со протојереј-ставрофор Кирко Велински од МПЦ-ОА во Хрватска.

Оливер Бранковиќ  МИА

Translate »