Аерозагадувањето расте, греење нема, мерачите се исклучени, нови дури догодина
Загаден воздух со вредност од дури 404 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички кај скопски Ректорат беа забележани на страницата „Мој воздух“ денес во 11 часот. На половина од календарската 2019 година, државата се уште не ја извршила набавката на инструментите од мрежата на 17 мерни станици во земјата кои го мерат аерозагадувањето, а кои во моментов се во дефект.
Речиси една година мерните инструменти за PM10 на клучни, најзагадени точки во државата се исклучени и не враќаат податоци. Во Скопје, мерните инструменти за PM10 во Скопје, кај Гази Баба и Лисиче не работат од јули, односно август и октомври 2018, симптоматично, веднаш по редовното годишно калибрирање и откако покажаа енормно загадување во летни услови, а ист е случајот и со Велес. Нови инструменти за мерење на PM2.5 нема. Од пред некоја недела и мерната станица во Карпош доживеа комплетен колапс. Со месеци не функционираат Битола 2, Тетово, Кавадарци, Кичево.
Од О2 Иницијатива укажуваат и на проблемот кај мерењето на азотните оксиди, важно за согледување на загадувањето од сообраќајот, каде дисконтинуитетот е уште поголем бидејќи овие супстанци не се мерат на главните станици поставени за таа цела. Во Центар, азотните оксиди не се мерат цели три години, како и цела година кај Ректоратот, додека пак се мерат само Лисиче и Гази Баба, каде нов инструмент неше поставен минатиот декември Слично е и со мерењето на озон и сулфурниот диоксид.
Во вакви услови нема точен увид ниту на состојбата со аерозагадувањето надвор од грејната сезона ниту пак на неговите причинители.
Според Планот за чист воздух, усвоен од страна на Владата на крајот на минатата година, како прва од петте приоритетни компоненти за справување со изворите на загадување беше утврдено дека ќе биде: „Мониторинг – комплетна замена на сите инструменти во 18 мониторинг станиците и примена на современи математички модели за моделирање и соодветно предвидување на аерозагадувањето“.
Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули за „Мета“ тогаш изјави дека „во 2019 година со буџетските алокации и со помошта што ќе ја добиеме од европските партнери, дел набавката на комплетно нови инструменти ќе биде направена брзо на почетокот на 2019 година. Не сакаме ради нецелосниот квалитет на инструментот да направиме проблем. Сакам да кажам дека во една мерна станица има пет или шест различни инструменти, се мерат ПМ2,5 честички, ПМ10, озон, сулфур диоксид и јаглерод. Новата набавка ќе се случи на почетокот на 2019 година“.
На самиот крај на јуни 2019, мерните инструменти сè уште се на пат за Македонија.
Замена на мерни инструменти од постоечките мониторинг станици и планирана и со ИПА 2 програмата, финансирана од ЕУ, ќе биде реализирана од 2020 до 2022 година, уверуваат од Министерство за животна средина и просторно планирање.
„МЖСПП интензивно работи на решавање на проблемот на замена на застарените мерни инструменти со нови“, стои во одговорот добиен од Министерството за животна средина и просторно планирање и тоа еден ипол месец откако истото им беше упатено на надлежните служби во тоа министерство. Во моментот се одвива набавка на два нови мерни инструменти за PM10, наменети за станицата во Гази Баба (која треба да се реализира до средината на месец јули 2019) и за станицата во Лисиче (каде што во тек е евалуација на понудите, па по потпишување на Договор, соодветно на рокот на испорака од најмалку шеесет денови се очекува некаде во септември 2019 да се инсталира мерниот инструмент), стои во информацијата од Министерството.
Tie информираат и дека „набавка на една нова мониторинг станица и замена на мерните интрументи од веќе постоечка мониторинг станица, се планирани активности во рамките на проект финсиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција во текот на 2019 и 2020 година. Исто така, замена на голем број на застарени инструменти со нови, е планирана е во рамките на проект кој се спроведува со финансиска поддршка на Шведската меѓународна агенција за развој и соработка.