Книгите од проектот „Превод на 1050 стручни и научни наслови“ и натаму скапуваат во магацините

Помина една година откако „Порталб.мк“ откри дека илјадници книги од проектот „Превод на 1050 стручни и научни наслови од странски автори“ се наоѓаат во магацините на Министерството за образование и наука во Гостивар.

Истата судбина ја имаат и книгите финансирани од Министерството за култура. Иако власта вети дека книгите ќе се дистрибуираат по институции, и по една година книгите сè уште скапуваат во магацини.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, во неофицијален состанок со новинарите неодамна изјави дека, владата врши анализа, а откако таа ќе заврши, ќе има решение како да се постапи со книгите.

Но, Владата има спротивен став од Адеми и од таму велат дека „нема да се врши анализа, туку Владата ги задолжи МОН и Министерството за култура да подготват план и да испратат информации на владина седница – решение за тоа како ќе постапат со книгите што се наоѓаат во магацини.“

За разлика од Министерството за култура, Министерството за образование и наука нема изготвено план.

„Во наредниот период ќе изготвиме конкретен план за тоа кои институции имаат потреба за книги, со цел да ги дистрибуираме и книгите да ја исполнат нивната намена. Тие постојано се дистрибуираат низ разни институции. Да бидеме јасни, сѐ уште има книги што не се дистрибуирани. Така, преку Владата, со владини одлуки ќе се одредат институциите каде ќе бидат дистрибуирани книгите, како во минатото така и во иднина“, рече Адеми.

Министерството за култура има направено чекори напред во овој процес, иако книгите сè уште не се дистрибуирани.

„Со одлука на Влада минатата година, Министерството за култура склучи договори со други државни институции за дистрибуција и користење на овие книги како сопственост на Република Северна Македонија. Минатата година се соочивме со проблемот на транспорт до соодветните институции. Проблемот беше надминат. Сега сме во фаза на тендер, и по избор на најповолната понуда, веднаш ќе се спроведе и дистрибуцијата, односно книгите ќе се стават во употреба. Потсетуваме дека, книгите од овој проект, се државна сопственост и како такви дистрибуцијата може да се спроведе само во државни институции”, рекоа од Министерството за култура.

Инаку, книгите од капиталниот проект „Превод на 1050 книги и научни наслови од престижни универзитети”, иако се печатени во 2009 година, и понатаму остануваат во магацинот на Министерството за образование и наука во Гостивар, каде се неупотребливи и покриени со прашина.

Постојат книги во оптек кои се и со лош превод и со голем број на грешки.„Порталб.мк“ откри дека првично била планирана само една фаза за преведување на 500 наслови, но како поминувале годините, така се зголемувал и бројот на насловите за преведување.

Translate »