ДАЛИ НА ЕВРОПА Ѝ СЕ ПОВТОРУВА ИСТОРИЈАТА

Ксенофобијата, расизмот, омразата и недовербата кон странците, изразени националистички и десничарски ставови… ги одбележаа годините пред Втората светска војна.

Повеќе од осум децении подоцна тешко е да не се прават паралели помеѓу денешната и таа ера, па дури и да се најдат застрашувачки сличности, до тој степен што може да се постави прашање дали на Европа, па дури и остатокот од светот, ѝ се повторува историјата, односно дали сме осудени да ги повторуваме грешките од минатото.

Историчарката Јелена Ѓуреиновиќ, докторанд на Одделот за источноевропска историја на Универзитетот „Јустус Либих“ во Германија, вели дека повлекувањето паралели со меѓувоениот период во последните години станало вообичаено, особено по кризата и поради радикално забрзаното ширење и хегемонија на десницата во сè повеќе земји.

За време на комеморацијата на осумдесетгодишнината од почетокот на Втората светска војна, многу политичари предупредуваа на сличностите, истакнувајќи ја пред сè доминацијата на десницата во Европа и Америка.

– Факт е дека овие сличности постојат помеѓу сегашниот контекст и периодот помеѓу двете светски војни, пред сè во сферите на економијата и политиката. Кога ќе го согледаме меѓународниот контекст, се чини како да се движиме директно кон катастрофа, како што изгледа меѓувоениот период во ретроспектива. Историските паралели никогаш не се прецизни, но дефинитивно изгледа дека не научивме ништо од минатото, вели историчарката Ѓуреиновиќ.

Грешка во националната историја

Таа додава дека многу земји дури се угледуваат на меѓувоениот период, особено поранешните комунистички земји како Унгарија, кои сметаат дека деценискиот комунизам е грешка во националната историја, свртувајќи се кон 1920-тите и 1930-тите како идеално минато.

– Идеализацијата на Кралството Југославија, која е особено истакната во Србија од 2000 година, е еден од оние примери на славење на еден период и државен систем што беше далеку од идеалниот, додава таа.

Како што вели професорката, ние сме сведоци на ширењето на таканаречените авторитативни демократии во Европа и пошироко, говорот на омраза како заеднички политички дискурс и зачудувачки недостиг на солидарност и алтернативи.

– Сепак, за разлика од годините веднаш по Првата светска војна, мислам дека нема таков вид незадоволство од сегашната состојба на работите меѓу политичките елити во некои земји што би ги мотивирало да го променат меѓународниот статус кво преку започнување на Втората светска војна. Тоа незадоволство и стремење кон промени, кои политичките елити ги застапуваат, честопати се свртени кон внатре и повеќе се занимаваат со наративот на националниот суверенитет и спротивставувањето на глобализацијата што предизвикува застапување на политиката на изолација, што оди заедно со обвинување на бегалците и имигрантите за сите проблеми. Сепак, со ваква политичка констелација многу е тешко да се предвиди што може да се случи.

Непредвидлива иднина

Она што е целосно предвидливо и со што нема историски паралели се последиците од климатските промени, кои многу веројатно ќе предизвикаат и војни, додава таа, и голем број човечки жртви и бранови бегалци.

„Како што признава писмото упатено до иднината, напишано на споменикот на првиот стопен глечер на Исланд, ние знаеме што се случува и што може да се стори против него, а само идните генерации ќе знаат дали тоа сме го направиле“.

Историчарот Хрвоје Класиќ потсетува дека Втората светска војна беше еден вид продолжение на Првата светска војна, по што едната страна беше обвинета за сето она што се случи, што во голема мера им помогна на Адолф Хитлер и нешто порано на Бенито Мусолини, кои го насочуваа гневот на луѓето против владејачките елити и кои наоѓаа „виновници“ за сите проблеми. И пронаоѓањето на „виновниците“ е клучно за популаризирање на екстремно десничарските движења.

Денес, тоа се мигрантите и финансиската криза, а сличен став преовладуваше во пресрет на Втората светска војна.

– Како и тогаш, постои ниско ниво на доверба во институциите, не им се верува на властите, што овозможува да се популаризираат десничарските движења кои бомбастично ветуваат сè и сешто. Тоа се случило пред Втората светска војна, и тоа не е невообичаено ниту денес, вели хрватскиот историчар.

Учење од минатото

Сепак, мали се шансите за повторување на Втората светска војна, односно да се повтори нестабилност каква што имаше во тоа време, истакнува Класиќ.

– Немавме искуство од Втора светска војна, што може да се случи. Денес знаеме што се случи и тоа искуство ќе спречи нестабилност од тогашен вид. Што не значи дека не постои опасност од други видови нестабилност, затоа што за војна веќе не се потребни големи армии и големо оружје, доволно е да се погледнат многу напади што се вршат со помош на компјутери, односно хакерски напади.

Покрај тоа, она што одеше во прилог на напредокот на Хитлер беше дека Европа беше разединета, потсетува хрватскиот историчар, додавајќи дека сите големи политички настани секогаш поаѓале од Европа и заради спорот на одредени земји.

Европа денес е обединета, барем кога станува збор за најважните земји, а тоа ќе спречи повторување на историјата, рече Класиќ.

Сепак се чини како ова искуство да не е доволно, односно, многумина се подготвени да го променат текот на историјата по свој вкус.

Јелена Ѓуреиновиќ вели дека искуството од Втората светска војна придонело за развој на меѓународното хуманитарно право и институции со цел да не се повтори таква војна, пред сè да не се повторат холокаустот и геноцидот.

– Денес, тоа искуство носи различни значења, бидејќи сериозна ревизија и инструментализација на Втората светска војна се одвива во многу земји. Тие се движат од негирање на локалната соработка и учество во холокаустот, преку помпезно славење на победата во рамките на некој етнички мастер наратив, до употреба на дискурс за вложен воен труд и жртви за тековни политички цели и дипломатски сметки, како што е брегзит. Гледајќи ја доминантната политика на сеќавање, понекогаш веќе не знаеме кој победи, кој изгуби и кој е криминалец, а кој е херој, затоа што сето тоа е релативизирано. Во Србија можеме да видиме примери на сите овие наративи, вели експертката од германскиот уиверзитет.

Translate »