Општините почнаа со нарачки на проекти за гасоводната мрежа
Во изминатите две години, седум општини преку јавни набавки избраа проектантски куќи за проектирање на гасоводната мрежа. Проектите ги работат четири компании специјализирани за проектирање, кои за изработка на пректите наплатиле над половина милион евра (570.196 евра).
До сега, проекти за основната мрежа имаат нарачано општините Штип, Велес (проект и ревизија на проект), Гостивар, Куманово, Битола и Радовиш, додека Струмица веќе работи на втора секундарна мрежа.
Од проектите најмногу наплатило трговското друштво „Филбис“ ДООЕЛ, Скопје, кое работи проекти за општините Тетово, Гостивар, Радовиш и за ЈП „Струмица гас“ од Струмица. Вредноста на јавните набавки што ги има добиено „Филбис“ изнесува 284.344 евра.
Најскап е проектот што го нарачала Општината Тетово, која во две јавни набавки доделила работа за изработка на проект за секундарна гасоводна мрежа со ревизија во вкупна вредност од 157.334 евра. При тоа, во договорот нема информација за должината на мрежата за која ќе се работи проект.
За разлика од Тетово, Општина Радовиш од „Филбис“ нарачала проект за мрежа од 7.000 метри, за по цена од 29.145 евра. Гостиварскиот проект од „Филбис“ се однесува на 19.000 метри, а цената на проектот изнесува 57.680 евра. Оваа скопска компанија има и две јавни набавки за втората фаза од секундарната мрежа за ЈП „Струмица гас“ од Струмица во износ од 45.185 евра.
Општините Битола, Штип и Куманово нарачките за проект за госоводна мрежа ги дале на Друштвото за планирање, проектирање и инжинеринг „Простор“ ДОО – Куманово, кое од овие три општини наплатило 284.344 евра.
При тоа, нaјскап е проектот на Општина Битола, во износ од 110.018 евра, за Куманово – 62.418 евра додека проектот за Штип во две јавни набавки изнесува 41.751 евра.
За Општината Велес работеле две компании. „Евро консалтинг“ од Скопје ја добила набавката за изработка на основен проект во износ од 4877 евра, по што следела поголема јавна набаква за изработка на проект за секундарна гасоводна мрежа во износ од 61.788 евра.
Изработката на основниот проект и потоа проектот за секундарна гасоводна мрежа е основата од која се тргнува во гасификацијата. Засега најбрзо приклучување може да очекуваат Штип, Тетово и Гостивар и скопските општини, кои се најблиску до националната гасоводна мрежа. Општините потоа треба да се одлучат на кој принцип ќе ја градат и развиваат секундарната мрежа – преку јавно приватно партнерство или самостојно преку формирање на јавни комунални претпријатија, специјализирани за оваа намена, по пример како што постојат во Струмица и Куманово.