Пакомак и Шпаркасе банка со донација за победникот на конкурсот за НАЈ Еко градоначалник
Општина Прилеп постави пример за тоа како треба да се одржува чиста и здрава животна средина. На прилепскиот градоначалник Илија Јовановски му беше врачена наградата за НАЈ Еко градоначалник за 2018 година, а неговата општина доби донација од Пакомак и Шпаркасе банка во форма на детско игралиште, кое денеска (28.11.2019) и официјално беше пуштено во употреба.
Претставници на двете фирми беа присутни на церемонијата на доделување на наградата, заедно со градоначалникот на Прилеп и претставници од општината која беше препозната како најеколошка во текот на 2018 година.
Грижата за околината е задача на поединецот, но само кога група поединци работат во заедничка цел може да се очекува дека работите навистина ќе вродат со плод. Општина Прилеп и нејзиниот градоначалник се победници на конкурсот за НАЈ Еко градоначалник за 2018 година, која ја заслужија со придонес во селективното собирање отпад, овозможување на собирање стакло преку HoReCa сегментот, бројни инвестиции за зазеленување на големи површини и слично.
На отворањето на новото игралиште присуствуваа генералниот извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија, Глигор Бишев, и менаџерот за грижа на корисници од Пакомак, Ико Брдароски. Двајцата официјално ја пуштија во употреба донацијата и му ја доделија наградата на градоначалникот Илија Јованоски.
Иако донациите се од општа корист и интерес за сите луѓе, сепак најголемата придобивка од грижата за околината е резултатот од овој процес – здрава и одржлива животна средина и намалување на необновливиот отпад. Позитивните промени во начинот на работа на општините ширум земјата даваат надеж дека еколошката свест кај луѓето расте, а благодарение на Пакомак и Шпаркасе Банка, тоа не поминува без награда.