Никаде на светот нема како мојата банда ”мачори контејнерци”
Пишува Ана Черепналкоска
Ви текнува на сцените од цртаните Том и Џери, кога другарите на Том, дрипци од контејнер со превртени џебови, шеретски осмеси и шизичка поза му свиркаат на Том под прозор, му мафтаат со рака “come on”, го собираат за по мачки, и на крај се прибираат сите по дома (без мачки) гушнати преку рамења, пеејќи и тетеравејќи се? Е тие. Имам едни такви.
Секојдневие пред полугодие, пред Нова Година, пред денот кога светот веројатно ќе престане да се врти и од 1ви јануари ќе нема ден: Ми се јавува класната на поголемото, треба да се сретнам со неа, вели не учел, не пишувал домашна, отсутен бил на часот, да воспитан бил, дисциплиниран, дружељубев, ама има двојка. И замислете, не, не можела подоцна, само втор час во вторник бил приемен термин. И додека сум во постојана трка со времето, малата треба да ја соберам од курс по не знам веќе што, па да одиме дома да правиме рачни изработки за школскиот базар заедно со 4 други деца. Во мојот дом децата се распослаа на трпезариската маса: тесто, бои, светки, многу светки, светки што ќе бидат на земја, во мебел и на нејзиниот скалп до јуни. ТВ е исклучен зашто се трудам да не им дозволам на обвинителките да ми влезат во дневна да ми ги изедат апетисаните ставени на масичката. Ич не ми е гајле кој ќе биде технички премиер бидејќи имањето технички премиер асоцира на избори, а тоа на закочени институции, а од тоа ме удираат “флешови” од не така одамна минато.
Сепак, умот ми лута, размислувам околу варијантата ние да се попикаме по затворчиња, па да создадеме нова реалност, па на овие што се за таму ,а никако да влезат да им стане неинтересно на слобода без нас овчичките…
И повремено, во хронично расположение диктирано од сето горенаведено, ќе се најде некој спореден лик, добронамерно (душебрижнички) да ми рече: Абе уште сте тука? Што чекате? Па знаеш ли кој сè не фати патот…. И недокажана реченицата, мене во грлото кнедла ми стои. Веднаш солзи ми навираат како на копче. Да бе, тука сме. Не чекаме. Живееме. Зашто никаде, никаде на светот нема банда како мојата банда мачори контејнерци, која може да се собере на чорба и чварки кај Чамо во среда во 2 по само еден “звиждак”.
Сите различни ко ден и ноќ! Еден скока истиот момент кога ќе насети мој нов прогресивен политички став: “Комуњарка!” – “Не бе комуњарка! Социјалист!” – “Бетер!”, ми вели. “Треба да ти одржам политичка лекција!” “Ти збори си, ја нема да те слушам, и така си глаголиме форевр…” Го обожавам! Ми треба да е баш таму, десно, контра од мене, за да знам дека не сум забегала од левото пупупу да не даде силана која здраворазумните едуцирани интелектуалци од лево не ја признаваат. Една од мојава банда ми доаѓа во канцеларија за на папката на која ми стојат архивирани корпоративните документи скришно да ми допише “ка” после Адвокат, иако со денови и ноќи ја убедувам дека додека не се смени законот ќе бидам адвокат, а не адвокатка, и дека тоа е сеедно или веќе денес треба да е сеедно. Она мене пукна да ме “разбуди”, или по нејзино: “родово да ме сензибилизира”, ја пусто некако полово ќе се сензибилизирам, ама родово никако, и до задутре без спиење (со или без пиење) ќе се убедувам дека на интервјуто за работа, на кандидатската листа, на менаџерскиот борд треба да влезе тој или таа со најдобрите квалификации, а не да пополни родова квота и да се воспостави формална (божемска) рамнотежа.
Друг од мојава банда мачори контејнерци ме прашува како тоа едни наши драги пријатели решиле да се селат во една земја на далечниот исток… Додека подголтнувам да ги задржам солзите од жал поради разделбата, се запнав да му објаснувам како сега светот е мал, каналите за комуникација се многу, далечината веќе не е така голема како некогаш, дека нема да осетиме, за да сфатам некаде понатаму во муабетот дека прашањето било како тоа решиле да се селат во муслиманска земја (јас до тој момент немав појма дека ислам е доминантна религија во таа убава земја во Азија). “Па како растевме ја и ти бе еден до друг, а волку различни да пораснавме?! А?! А на одмор у Турција коа бевме, кога се клештевме по плажи и затворавме дискотеки не ти пречеше оџата коа пееше?”му велам.
Една, пак е роден лакмус, ми се јавува дека ме сонувала точно така како што се осеќам, а уште пред да се свестам самата. Она не ме прашува како сум, знае: “Ај затвори тоа ексел табелката во главата, не може сè по план, олабај!” ќе ми рече. Една се погоди ко една мајка да нè раѓала. Ја да зинам – таа кажала. Најгрдото ми го знае, тоа што и сама го нејќам таа ми го сака, кога сама не се поднесувам таа ми ја гали душичката. Еден ќе ми рече аман со идеализмот, порасни веќе, свести се, светот не е таков каков што ти го замислуваш – а знам дека нејќе ни милиметар да мрднам од моите убедувања зашто не ќе сум веќе ,,јас” (а асталскиот муабет веднаш ќе стане подосаден).
Друг молчи, ми ја подава мелницата за бибер и ме остава до бескрај да дрдорам за тоа каков мора ние да се избориме да стане светот, за неизбежната (р)еволуција, за поредоков пред колапс и тој што треба да дојде, за неолиберализмот, неоколонијализмот и трулоста на капитализмот, за неферството и правдата, а после ќе ми шепне за следниот фронт на кој може да се бориме (главно со ветерници ама зарем е важно додека се бориме?! А ако престанеме?!). Еден од оваа моја банда ала Том и другарите, супер заработува, еден иде на работа од што баш мора, една е кариеристка, една е претприемлива, една е посветена на децата, еден е постар од сите, еден е религиозен, еден е главно во кафана, една е екстра креативна и плус на сите ни ги следи летовите кога патуваме, една се отсели, еден се разведе, една се бори за дете. НЗС? Никој не суди. Ниеден! Ако згусти ќе ме фатат за уши, ќе ми помогнат да се наместам, ама ниеден нема да морализира и да ми кажува како “треба” што се “очекува од мене”. Никој како нив, на чорба во Чамо, дур времето стои за нас, не може да ми воведе нов душевен поредок, да ме ресетира, да ме врати назад на мојата основа, да ми притури уше една ракија дур (божем) не гледам, да ме потсети да јадам (повеќе цвекло, за крвта!), да го разбуди детето во мене, да ме натера да се смеам до солзи и да му се радувам на животот, да му кажам фала на денот. Никој како нив нема да светне во очите со мојата радост и да страда со мојата болка. Без нив јас не сум ни пола човек (жена де добро, аман!).
И така, додека со моите мачки и мачори деновиве си се спремаме да си ја дочекаме новата (Џизс Крајст – изборна) година во вечна надеж дека ќе ни донесе убави денови, дека ние во неа ќе бидеме подобри, помудри, поздрави, домаќински да си сецкаме ,,руска”и,, француска” – да имаме соодветно исток – запад гастрономско покритие, да држиме и на софрата кец во ракав во нашата традиционална вртикаповска комоција, дур вечно лебдиме во лимбото на “Исток нè отпиша – Запад не нè запишуе”. И во тоа надреално лудило, сосема сум свесна дека ова што си го имаме меѓу нас е толку ретко што дури на моменти ми се чини нестварно! А истовремено, тоа што е возможно, е бескрајно утешително и ми дава надеж и ме тера да верувам дека човекот е сè уште тука. Посакувам сентиментот од нашиот микросвет и микросветови слични на нашиот, оној на прифаќање, толеранција, разбирање, доверба и взаемна грижа, да се “закачи”, да разбуди зачмаена енергија пошироко, и некако сепак да најдеме сила да се собереме, да преземеме одговорност, секој во свој домен, со микро-движења, и да направиме следнава година да не биде само уште една обична изборна година…
Како и да е, да се вратам на мачките. На моите две мачиња дома, им сакам да бидат живи и здрави. И им сакам по една банда мачори контејнерци како моите. Зашто тие се вистински појаси за спасување и, едноставно, зашто во секакви услови и во сите околности, со нив животот во светот на возрасните не е само поднослив, туку убав.