Како да се “пишманат” младите од заминување на печалба во странство ?
Иселувањето на младите е повеќе димензионален проблем со кој нашето општество се соочува веќе подолго време. Во време кога францускиот претседател ги повикува младите од целиот свет да работат и да креираат во Франција и нуди буџетска помош, реалноста кај нас е дека го губиме својот стручен кадар кој доколку би останал во државата би обезбедувал квалитетни услуги во здравството, образованието, градежништвото и другите дејности. Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски проблемот кој настанува од иселувањето на младите умови од земјава вели дека не може да се лоцира во еден сегмент на општеството. Туку тоа е резултат на незадоволство на граѓаните насобрано од повеќе аспекти.
“Образованието кое го апсорбираме од најрана возраст е аспект кој што треба да биде во сооднос на образовниот процес со пазарот на трудот. Повеќе од јасно е дека ние во иднина ќе креираме силен дефицит на работни места кои се во градежништвото, медицината, текстилната индустрија”, вели во изјава за Денар професорот Јовевски.
„Суштествено е да се задржат младите во татковината, а тоа треба да го постигнеме со сет на мерки кои што се од економски карактер, намалување на даноци, давање одредени бенефиции за младите, отворање на бизниси во соработка со коморите, со бизнис секторот, образование кое е компатибилно со пазарот на труд и сл. Но, не се проблем само економските причини како што се ниските плати, проблемот на вработување и сл. Многу од луѓето ја напуштаат државата заради атмосферата на немир и несигурност која владее. Младите, но и повозрасните си одат затоа што во државата не гледаат дека има владеење на правото, состојби кои што преизвикуваат кумулација на незадоволство, луѓето се агресивни и имаат негативен пристап кон работите. За тоа, освен економската состојба, платите, вработувањето, напредувањето, треба во иднина да се стави акцент и на владеењето на правото, корупцијата, и реториката во државата, пристапот кон решавање на проблемите и начинот на размислување. Генерално пристапот треба да го смениме кон многу нешта, вклучително и кон себе си“, вели Јовевски.
Од министерството за труд и социјална политика велат дека проблемот со иселувањето не е само на Македонија, туку со исти „главоболки“ биле и властите од целиот регион и пошироко. Од министерството, за Денар велат дека Македонија е единствената земја којашто не е членка на ЕУ, а ја има воведено Гаранцијата за млади. Оваа мерка според нив е дел од Европските носечки иницијативи и има за цел да им обезбеди на младите лица во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување, квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука, или практиканство.
„ Во 2019 година Гаранција за млади се реализираше на целата територија на Република Северна Македонија, преку 30 центри за вработување. Во Гаранцијата за млади беа вклучени 20.301 лице од кои 10.501 жени или 52 проценти. Од нив, 6.004 се вработиле а 1.177 лица биле вклучени во некоја од активните мерки за вработување кои не водат кон директно вработување, но ја зголемуваат нивната вработливост. Според тоа, успешноста на Гаранцијата за млади во 2019 година изнесува 35 проценти. Исто така имајќи во предвид дека речиси половина од младите лица се неформално вработени МТСП креираше Стратегија за справување со неформалната економија 2018-2022 година. Со сет мерки се настојува да се намали стапката на неформална вработеност и кај младите лица. Истовремено се работи и на проблемот со подвработеност. Речиси 28% од младите лица работат на работни места за кои се потребни квалификации несоодветни за степенот на формално образование односно младите со повисоки квалификации работат на места за кои се потребни квалификации со стекнато средно образование и се пониско платени“, велат од министерството за труд и социјална политика.
Младинската невработеност во државата наметнува потреба од преземање мерки кои имаат за цел подобрување на нивната состојба на пазарот на трудот, велат од Агенцијата за вработување, и сметаат дека состојбите полесно ќе се нормализираат доколку има приороден премин на младите од образование кон вработување.
„Во 2019 година се спроведуваа програмите за самовработување; поддршка за креирање нови работни места; разни видови обуки, со посебен акцент на обуките за дигитални ветини; практикантството и програмата за работно ангажирање, каде беа вклучени над 8000 лица, од кои 56% беа млади. Притоа, покрај програмите за Практиканство и за Обуки за дигитални вештини кои беа наменети исклучиво за младите лица, значајно учество младите лица имаа и во мерките Вработување и раст на правни субјекти 62% и мерката Субвенционирање на плати 54%“, велат од Агенцијата за вработување.
Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска за Денар вели дека Оперативниот план за 2020 година предвидува активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за кои се издвоени најмногу финансиски средства досега, односно 1.5 милијарди денари или околу 24 милиони евра.
„И оваа година се очекува да има голем интерес кај младите лица за учество во сите активни програми и мерки за вработување. Во програмите за Практиканство и за Обуки за дигитални вештини, кои се наменети исклучиво за младите лица, е предвидено учество на 1935 лица, за што се издвоени 86.8 милиони денари. Исто така, во мерката Вработување и раст на правни субјекти е предвидена финансиска поддршка за вработување на млади лица во висина од 153.750 денари по лице; за Субвенционирање на вработување финансиската поддршка за едно лице изнесува 57.000 денари, 114.000 денари или 228.000 денари, зависно од периодот на субвенционираното вработување“, вели Јовановска.
А од први март годинава Германија со раширени раце ги чека работниците од земјава кои ќе имаат олеснети услови за добивање работна дозвола. Доволни ќе бидат познавањето на германскиот јазик и возраста за жителите од Балканот кои сакаат да работат во Германија. Информациите кои доаѓаат од најмоќната европска економија велат дека Германија треба да го отвори пазарот за нови вработувања оти изворот за нови работници од Источна и Јужна Европа веќе е максимално употребен. Ова според познавачите дополнително ќе ги стимулира граѓаните иднината да ја гледаат во оваа западно европска земја. Од германската амбасада веќе посочија дека годишно околу десет илјади работни визи делат на граѓаните од земјава. Немаат информација колку граѓани од Македонија работат на црно во Германија.
Според Државниот завод за статистика стапката на невработеност во земјава е на ниво од 17,1%. Иако се забележува позначителен континуиран пад на невработеноста во целина, тоа не е случај и во категоријата кај младите до 24 години. Невработеноста кај младите лица е на ниво од 35 отсто.