БРАШНО И ПЧЕНИЦА НЕМА ДА ИЗВЕЗУВАМЕ, Бектеши порача – луѓе, храна има доволно
Ќе се забрани извоз на брашно и пченица од земјава. Ваков предлог паднал на вчерашната владина седница, на која беше одлучено и да се замрзнат цените на основните намирници.
„Работната група од претставници на Министерствата за финансии, економија, земјоделство и надворешни работи, како и од Царинската управа предлага да се воведе забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време, и ги задолжи овие органи да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка“, се вели во владиното соопштение.
А, ќе се внимава и на извозот на зејтинот, оризот, тестенините, бисквитите…
Владата ги задолжила Царината, во соработка со Министерството за земјоделство, во наредниот период да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично) и за тоа да ја информира Владата.
„Владата донесе препорака за мелничко преработувачката индустрија да ја има во предвид бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите-членки на СТО во количина од 80.000 тони“, стои во соопштението.
Министерствата за економија и за земјоделството, како и Агенција за стокови резерви, се задолжени – заедно со мелничко преработувачката индустрија да ја утврдат моменталната состојба со залихите на пченица и брашно и за истото да ја информираат Владата.
Министерството за надворешни работи, апк, добило задача, преку мрежата на дипломатските и конзуларните претставништва на дневна основа да го следи воведувањето на евентуалните забрани на увоз и извоз на стоки кон земјава.
Пазарниот инспекторат е должен да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри со цел да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи и воедно да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените, а за тоа редовно на секои три дена да ја информира Владата.
„Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за стокови резерви да изработат листа на прехранбени производи кои што би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена, а Агенцијата за стокови резерви веднаш да достави листа на стоки кои ги има на залиха со податоци за количина“, информираат од Владата.
Се задолжува Министерството за економија веднаш да достави до Владата предлог за ослободување 100 отсто од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, одело хируршко текстилно, варикина и останати средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни наочари.
А министерот за економија Крешник Бектеши, заедно со сопствениците на супермаркетите, денеска порача граѓаните да не паничат, бидејќи, како што рекоа, храна и намирници има и во супермаркетите и во магацините на дистрибутерите.
„Би сакал како министер за економија да ги повикам граѓаните разумно да купуваат, а маркетите да направат планови за да им излезат во пресрет на граѓаните. Место за паника нема, залихи на сите неопходни намирници има“, рече Бектеши.
Пазарниот инспекторат ќе врши контроли во супермаркетите дали се почитуваат цените, а граѓаните доколку забележат непочитување на оваа мерка можат да пријават на телефонскиот број 02 3220-547. Ќе се вршат контроли и во магацините и дистрибутивните центри за да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи.