„Револуционерно“: Австралиските научници открија како имунолошкиот систем се бори против вирусот

Нивното истражување, објавено во вторникот во списанието „Природна медицина“, покажува дека луѓето оздравуваат од новиот вирус како што би оздравеле од грипот, пренесува Би-би-си.

Утврдувањето кои имунолошки клетки се појавуваат би требало да помогне и во развојот на вакцините, велат експертите.

„Ова (откритие) е важно затоа што првпат навистина сфаќаме како нашиот имунолошки систем се бори против новите коронавируси“, рече коавторката на студијата, проф. Кетрин Кеџиерска.

Истражувањето на Институтот за инфекции и имунитет Питер Доерти во Мелбурн го пофалија други експерти, а еден го нарече и „револуционерно“.

Што е откриено?

Многу луѓе оздравеа од ковид-19, што значи дека веќе е познато дека имунолошкиот систем може успешно да се бори против вирусот.

Но, за прв пат, истражувањето идентификуваше четири типа на имунолошки клетки што се борат против ковид-19.

Тие биле забележани со следење на пациент што имал благ до умерен случај на вирус и немал претходни здравствени проблеми.

47-годишната жена од Вухан, Кина, била примена во болница во Австралија. Таа оздравела во рок од 14 дена.

Проф. Кеџиерска за Би-би-си рекла дека нејзиниот тим ја испитал „целата ширина на имунолошкиот одговор“ кај овој пациент.

Три дена пред состојбата на жената да почне да се подобрува, во нејзиниот крвоток биле забележани специфични клетки. Кај пациентите со грип, истите овие клетки се појавуваат во таа фаза пред закрепнувањето, рече професорката Кеџиерска.

„Бевме многу возбудени од нашите резултати – и од фактот дека всушност би можеле да го фатиме појавувањето на имунолошките клетки кај заразениот пациент пред клиничкото подобрување“, изјави таа за Би-би-си.

Повеќе од десетина научници работеле нонстоп четири недели за да ја дадат анализата, додаде таа.

Како помага ова?

Идентификувањето кога имунолошките клетки ќе почнат да работат може да помогне во „предвидувањето на текот на вирусот“, вели професорот Брус Томпсон, декан на здравствени науки на Универзитетот за технологија Свинбурн.

„Кога знаете кога се случуваат различните реакции, може да предвидите до каде сте со закрепнувањето од вирусот“, изјави проф. Томпсон за Би-би-си.

Министерот за здравство на Австралија, Грег Хант, рече дека откритието може да помогне да се „забрза“ добивањето вакцина и во потенцијалните третмани на заразените пациенти.

Професорката Кеџиерска рече дека следниот чекор за научниците е да утврдат зошто имунолошкиот одговор е послаб во полоши случаи.

„Сега е навистина клучно да се разбере што недостига или е различно кај пациентите што починале или што имаат навистина тешка болест – за да можеме да разбереме како да ги заштитиме“, рече таа.

Во јануари, Институтот стана првиот во светот што го создаде вирусот надвор од Кина.

Центарот оттогаш доби дополнително финансирање од австралиската влада, како и донации од компании и од кинескиот милијардер Џек Ма.

Izvor mkd.mk

Translate »