Татјана Алексиќ: Децата се поголеми еко активисти од возрасните!
Според вашето искуство, како ја оценувате еколошката свест кај граѓаните на нашата земја?
Не сме комплетно освестени и одговорни, повеќе зборуваме отколку што делуваме. Сеопфатноста на еколошката свест бара индивидуална и колективна одговорност на многу полиња, одговорност кон воздухот, водата, флората и фауната, озонската обвивка, електричната енергија, отпаден материјал, како и многу културни, основни цивилизациски навики. Токму неодговорноста на глобално ниво нѐ донесе до вакви еколошки промени, тектонски пореметувања и катаклизми, многу нешта не се во ритам со природната рамнотежа. Сѐ уште не научивме како се фрла ѓубре, сѐ уште гледаме отпадоци покрај корпи и контејнери за отпадок, реките и парковите наликуваат на депонии, а депониите на расадник на зарази… Современ проблем е и потребата за брза урбанизација на глобално ниво, материјалистичката мегаломанија спротивнa на природните закони. Треба сите да сфатиме дека ја губиме битката со природата- таа има свои непоткупливи закони! Патем и вирусите се резултат на човечкиот егоизам кој го уништува животинскиот свет, а со тоа и природните биолошките домови на вирусите.
Како професорка, секојдневно сте во контакт со млади луѓе, кои всушност се приказ на следната генерација граѓани на оваа земја. Дали тие ви изгледаат добро подготвени за да станат општествено одговорни, морални индивидуи?
Прават напор, активни се често преку училиштата, но и кога ќе завршат. Не можам да генерализирам за сите, но можам да дадам пример на наш некогашен Корчагиновец Ѓорги Селков, благодарение на кого Македонија по 11 пат ќе се вклучи во светската волонтерска еко акција ,,Часот на планетата Земја” на 28 март, кога над 8000 градови и 180 држави, 60 минути ќе ги исклучат светилките и ќе испратат силна порака за спас на планетата Земја. Лично сметам дека се освестени повеќе од нас, и ќе бидат во иднина, затоа што гледаат какви еко катастрофи се случуваат низ светот. Едноставно, им ја избербативме иднината оставајќи им загадена природа.
Колку е
кај младите присутна љубовта за екологијата? Има ли напредок во „борбата“ за
одржлива иднина и подобро утре?
*Има, за среќа и наша радост, има многу еко освестени волонтери и вљубеници во природата. Еве пак ќе споменам уште една некогашна Корчагинка, свесна дека освестени млади луѓе има низ сите училишта во Македонија, но Срна Мајсторовиќ е носител на проектот ,Диверзитет и дистрибуција на сапроксилната тврдокрилна фауна на планината Јабланица и течението на реките Црн Дрим и Радика” http://mes.org.mk/blog/programa-za-poddrshka-na-mladi-ekolozi-d-r-lupcho-melovski/. Срнче наша, вистински вљубеник, почитувач и заштитник на природните убавини.
Можете ли да посочите на некој позитивен пример – човек, акција или организација која сметате дека прави промена во правата насока за животната средина? Постои ли воопшто некој кој го поставува патот по кој треба да чекорат новите генерации?
Често организираме локални еко активности на ниво на училиштата, како собирање отпаден материјал за рециклажа, весници, пластични шишиња, пластични тапи и сл. Децата стекнуваат навики за општествена одговорност, но и хуманост. Пред неколку години од средствата собрани од пластични тапи, волонтерите од Кариерниот на Корчагин купија инвалидска количка за деца со посебни потреби. Ги учиме постојано и преку наставната програма која вклучува часови со еко пораки за битноста од развивање еко свест, не само за во својот двор, туку на глобално ниво. Впрочем таков е и слоганот на еко активностите, мисли локално-делувај глобално.