Како да го научите вашето дете да рециклира?

Рециклирањето е многу важен дел од борбата за зачувување на животната средина и претставува начин да ја оставиме Земјата во подобра состојба од онаа во која се наоѓа во моментот. Бидејќи нашата мисија е да создадеме подобра иднина, едукацијата за рециклирањето треба да започне од најмладите – оние кои ќе живеат во иднината за која сонуваме.

Како добар и одговорен родител, од вас се очекува да му ги покажете првите чекори во рециклирањето на вашето дете. Преку одложувањето и рециклирањето на отпад, детето ќе ја научи вистинската вредност на ресурсите, ќе сфати дека сите производи не се употребливи само еднаш и ќе разбере како пластиката, картонот и останатите амбалажни материјали можат да заземат друга форма и да одговорат на повеќе од една потреба.

Запознајте го детето со рециклирање што порано

Колку порано детето ќе научи за одложувањето отпад и рециклирањето, толку порано ќе може да се вклучи во постојаната борба за почиста и поздрава околина. За почеток, поставете уште една корпа за отпадоци во домот и објаснете му на детето дека таму се фрла само амбалажен отпад и хартија. Одвреме-навреме, тестирајте го детето дали ја има сфатено неговата задача, со тоа што ќе му поставите прашања како: “Дали весникот оди во обичната или во корпата за рециклирање?”. Тоа ќе го направи учењето полесно, а и ќе го одржи вашиот дом почист.

Претворете го рециклирањето во детска игра

Уште еден многу важен аспект на кој треба да внимавате е да не направите детето да го избегнува рециклирањето бидејќи ќе го смета за досадна обврска која мора да ја направи. Иако се работи за сериозна активност, обидете се да ја претворите во игра. Мотивирајте ги вашите деца да го реупотребат амбалажниот отпад со тоа што ќе направите играчки од него, а пример за тоа можете да најдете во стотиците едукативни видеа на YouTube на таа тема. Потоа, истата таа играчка или фигура можете да ја пријавите на конкурсот „Trash for Art“, кој Пакомак го организира секоја година.

Видео: https://www.youtube.com/watch?v=HkHEJEzMKwc

Поставете пример кој детето ќе го следи

За рециклирањето, како и за многу други работи, потребно е да поставите пример кој вашето дете ќе може да го следи. Затоа, бидете првиот кој ќе го селектира отпадот, ќе ја наполни корпата за одложување отпад и ќе го побара зелениот симбол за рециклирање (green dot) на производите, контејнерите и кантите за отпадоци во околината. Притоа, проширете ги погледите на детето и научете го како практично да делува за да создаде одржлив свет за себе и следните генерации, објаснете му како да живее создавајќи помалку отпад и како да одбере кое ѓубре да го рециклира.

Рециклирањето не мора да биде напорно и заморно. Едуцирањето на новата генерација за придобивките од селектирање и одложување на отпад е наша обврска, која ќе придонесе за поубав, почист и поздрав сдвет во иднина. Направете го рециклирањето забавно за сите!

Translate »