Долгот како привилегија во доба на корона
Со двете уредби на Владата со кои се одлага извршувањето на доспеаните долгови на граѓаните на ниту еден начин не се помага, затоа што се промашува суштината. Македонската влада се ориентира кон одлагање на плаќањето на обврските на граѓаните, не како последица на сеопфатна економско-финансиска анализа туку како потрага по социјален мир, што е апсолутно ирационално.
Во секое нормално општество државата ги поставува правилата на играта а субјектите играат по тие правила и успеваат или не успеваат во ситуација кога правилата им биле однапред познати. Ние, за жал, живееме во општество каде правилата на играта се менуваат пост-фестум. Тука топката се додава надвор од аут линијата, се свири пенал кога го нема, овде државата прераспределува. Пример од прва категорија за ова тврдење се две уредби на Владата на Република Северна Македонија. Едната од 30 март 2020 година насловена како „Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства“, и втората од 1 април 2020 година насловена како „Уредба со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба“. Кога станува збор за граѓанските и трговските предмети во овие две уредби на Владата се провлекува и една латентна идеја за која слободно можам да кажам дека, покрај тоа што е популистичка, е и фатална. Таа идеја е всушност материјализација на верувањето на мнозинството граѓани дека ним некој ќе им ги прости долговите. Небаре тие долгови се паднати од небо. Но, да почнеме со ред.
Владата не разликува преклузивен од рок на застареност
Имено, во членот 1 од уредбата што се однесува на течењето на роковите е содржан еден изразит степен на базично неразликување на роковите, па така, се вели дека „Законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа уредба се до престанување на вонредната состојба“. Потоа, членот 2 продолжува со „Законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките од член 1, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па се до завршување на вонредната состојба.“
Суштината е што владата во улога на законодавец не разликува „рок на застареност“ од „преклузивен рок“, и не ги разбира институтите „прекин на застареност“ и „застој на застареност“. Оваа проблематика е на еден достатен начин разработена во правната наука, меѓутоа основните разлики помеѓу овие два вида рокови е следната:
Прво, со истекот на преклузивниот рок се губи одредено право, додека со истекот на рокот на застареност се губи правото да се бара правна заштита на тоа право. Второ, преклузивните рокови не подлежат на застој и прекин додека кај роковите на застареност може да има прекин и застој на течењето на рокот. И трето, на преклузивните рокови судот внимава по службена должност додека кај роковите на застареност потребен е приговор од страната која се повикува на застареноста.
Што се однесува до течењето на преклузивните рокови, мора да се напомене дека тие течат без било каков прекин и застој, единствено може да дојде до пролонгирање на истекот на рокот доколку тој се падне во неработен ден. Оттука, оваа уредба на владата и нема некоја поголема правничка тежина освен што неосновано ги фаворизира должниците на сметка на доверителите на начин што генерира недозволива екстензија на судските постапки поради неможноста да истечат роковите за правосилност и извршност. И тоа е единствената правна последица што ќе произлезе од овие две уредби. Тоа, во суштина, ќе го конвертира ова општество во општество каде што е нарушен балансот помеѓу должникот и доверителот, каде што должникот е неоправдано фаворизиран иако согласно начелата на законот за облигационите односи овие две страни се еднакви. Во правото постои начелото „qui prior est tempore, potior est jure“ односно кој е прв во времето, посилен е во правото. Со оваа уредба сите рокови ќе почнат да течат по завршувањето на вонредната состојба, со што дополнително се „оштетуваат“ доверителите.
Доверителите се заштитени со законот за облигациони односи
Владата веројатно мисли дека со оваа уредба се штитат доверителите за да не им застарат побарувасата, затоа што не би биле во состојба да поднесат тужба за времетраењето на вонредната состојба, што не е точно. Така, во член 372 од Законот за облигациони односи (ЗОО) се вели дека „Застарувањето не тече за сето време за кое доверителот не бил во можност поради несовладливи пречки по судски пат да бара исполнување на обврската.“ Сите ќе се согласиме дека пандемијата, вонредната состојба и агресивниот полициски час се навистина несовладливи пречки за поднесување тужба со што би се запазила застареноста. Од друга страна, правните последици од застојот на застареноста се дадени во член 373 од ЗОО „Ако застарувањето не можело да почне да тече поради некоја законска причина тоа почнува да тече кога ќе престане таа причина. Ако застарувањето почнало да тече пред да настане причината која го запрела неговиот натамошен тек, тоа продолжува да тече кога ќе престане таа причина, а времето што изминало пред запирањето се смета по рокот за застареноста определен со законот.“ Од овие причини е повеќе од јасно дека македонскиот Закон за облигациони односи пружа доволен степен на заштита на доверителот од настапување на застареноста кога постојат несовладливи пречки за иницирање судска заштита на некое побарување.
Извор: Фактор
Пластично кажано, роковите на застареност делуваат мотивациски врз доверителот да го користи своето право на правна заштита бидејки со нивниот проток неговото побарување ќе биде оставено на милоста на должникот (бидејќи должникот може да исполни и застарена обврска што, за волја на вистината, речиси и да не се случува).
Од друга страна, пак, со прекинот на извршувањето би требало да се направи дополнително растеретување на должниците со што на голема врата се отвора можноста тие да станат несолвентни а доверителите да го изгубат својот редослед на наплата на побарувањата. Самиот закон за извршување на јасен и прецизен начин определува што може а што не може да биде предмет на извршување, и неговото ставање вон сила за време на вонредната состојба дополнително го нарушува балансот во корист на должникот. Неприфатлива е аргументацијата дека не треба да се извршуваат предмети за долг што доспеал за плаќање пред една или две години како што е редовна практика во македонското економско опкружување. Сосема друго е ако настапила состојба на виша сила пред обврската да стаса за плаќање. Пластично кажано, доколку лицето А требало да му плати на лицето Б износ од 100 парични единици заклучно со 1 септември 2019 година врз основа на некоја извршна исправа, каде го наоѓате оправдувањето и повикувањето на вонредната состојба поради Ковид-19 да запре извршувањето?
Популизам заради краткорочен социјален мир
Овие уредби на Владата можеби краткорочно би „донеле“ социјален мир, меѓутоа на долгорочна основа тие претставуваат дееволутивен пад во варварство. Логиката на Владата е едноставна, популистичка и опортунистичка која што тргнува од едноставната изборна математика. Должници има многу а доверители (особено озлогласени) се малку – телекомуникациските оператори, банките, дистрибутерите на топлинска и електрична енергија. Тоа, за волја на вистината, не е така, бидејќи секој од нас истовремено се јавува и во улога на должник и во улога на доверител во секојдневното живеење. Замислете дека сте дале пари на заем, дека сте извршиле некоја услуга или сте продале одредена стока со одложена валута на плаќање. И сега, оној кој зел пари на заем, добил некоја услуга или купил некоја стока, одбива да си го подмири долгот а вие сте оставени без правна заштита. Дополнително, тие парични средства кои вам ви ги должат ви се можеби единствените за кои можете жаргонски да кажете „имам за земање“. За каква еднаквост на страните говориме тогаш?
Јас се уште не можам да ја најдам оправданоста на запирањето на сите извршувања односно престанок на преземање извршни дејствија, особено доколку станува збор за предмет кој што е народски кажано „даден на извршител“, да речеме пред една година. Доаѓаме до апсурдна ситуација, доверителот кој пред 1 година побарал судска заштита на своето побарување кое доспеало за плаќање пред 3 години, нема да може да го „наплати“ своето побарување од причина што поради насилното нетечење на преклузивните рокови за изјавување правни лекови, судската одлука нема да може да стане правосилна, а воедно нема да може да покрене било каква судска заштита на своето побарување од аспект на обезбедување на побарувањето, со што би му се оставил дополнителен простор на должникот да располага со својот имот. И нам сето тоа би требало да ни делува нормално бидејќи се работи за пандемија?!
Со овие две уредби, на ниту еден начин не се помага, затоа што се промашува суштината. Македонската влада се ориентира кон одлагање на плаќањето на обврските на граѓаните, не како последица на сеопфатна економско-финансиска анализа туку како потрага по социјален мир, што е апсолутно ирационално. Долговите на македонските граѓани и компании се набљудуваат изолирани од контекст, а надвор од контекстот тие се потполно бесмислени. Овде владее верување дека нечиј долг паднал од небо, дека бил изигран од страна на трговците или банката во неговиот случај се однесува како зеленаш, што апсолутно не е точно, бидејќи долговите во 99,99 отсто од случаите настануваат врз основа на договор кој по својата суштина е двострано обврзувачки и комутативен. Односно, покрај тоа што предвидува права и обврски за двете страни, во него однапред се знае износот на давањата на страните, па така, кога некој зел кредит од банката тој однапред знаел колку пари треба да добие и колку треба да врати. Најголемиот дел од „должниците“ го забораваат фактот дека искористиле одредена сума пари како кредит и истиот тој кредит го набљудуваат низ призмата на каматата што требало да и ја платат на банката, што е во најмала рака несериозно.
Се наградуваат неплаќачите, се казнуваат успешните
Пандемијата на коронавирусот нема да ја зголеми неликвидноста на македонското стопанство од причина што тоа хронично боледува од овој проблем, меѓутоа ќе предизвика криза на солвентноста. Проблемот е во суштина прилично едноставен. Доколку во моментот на појавата на пандемијата не сте биле во состојба да ги подмирите своите обврски а за време на пандемијата вашата деловна активност ќе биде замрзната, вие нема да бидете во состојба да си ги подмирите обврските и по завршувањето на оваа пандемија. Жаргонски кажано, „ќе немате за земање“.
Се разбира, резултатите ќе бидат фатални, оние субјекти што секако не биле финансиски дисциплинирани (неплаќачи) ќе бидат дополнително заштитени на начин што им се остава простор да го отуѓат имотот, да направат трансформации и да регистрираат нови субјекти, а за сметка на тоа се казнуваат добрите, успешните и дисциплинираните играчи на пазарот. Компаниите ќе бидат доведени во состојба или да отпуштаат вработени, да „трошат“ од резервите на друштвото или да користат одредени кредитни линии од банкарскиот сектор додека физичките лица ќе бидат принудени да трошат од својата заштеда ако ја имаат или да се „позајмуваат“, со што тие од доверители би станале должници. И повторно, комодитетот во оваа вонредна состојба ќе биде привилегија единствено за должниците на кои сите услуги и сите производи им се бесплатни, без разлика која им е цената, бидејќи секако немаат намера да платат било што, со тоа што сега државата е на нивна страна.
Златко Јакимовски
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.