“Жената лилјак” не престанува да го интригира светот: Деталите од нејзиното ново интервју ја менуваат сликата за пандемијата
Светската јавност пишува за вирологот Ши Женгли од Вухан, Кина, која ја открила коронарната секвенца на коронавирусот набрзо по пријавувањето на првиот случај во декември 2019 година во овој кинески град. Таа е повторно во фокусот на јавноста и тоа поради новото интервју во кое открива нови детали од нејзиното истражување и притисокот од кинеските власти на кој била изложена.
За “Жената лилјак” како што ја нарекуваат кинеските научници пишува и “Mirror” кој наведува дека нејзиното откритие во врска со Ковид-19 било мистерија бидејќи кинеските власти го диктирале темпото на објавување на факти за новиот вирус.
Женгли е еден од најголемите светски истражувачи на коронавирусите – открила десетина смртоносни вируси слични на САРС во пештерите на лилјаци, од каде потекнува и нејзиниот прекар. Таа ги проучувала примероците од првите пациенти во Кина кои заболеле од мистериозна респираторна болест и открила дека болеста е слична на САРС.
“Жената лилјак” го идентификувала новиот вирус во рок од три дена, откривајќи дека тој е 96 проценти ист како вирусот пронајден кај лилјаците во Јунан. За едно вакво откритие обично се потребни месеци, а некогаш и години.
Кинеската новинарка Гао Ју разговарала со научничката додека била во затворот во Вухан (таа поминала два месеци таму), а таа ѝ рекла дека нејзините откритија биле прикривани, објави неодамна еден кинески магазин.
“Откривме дека Институтот го завршил секвенционирањето на гени и слични тестови, но објавувањето на резултатите било спречено”, вели новинарката, додавајќи дека податоците за секвенционирањето биле објавени дури една недела подоцна.
Веќе подолго време се зборува дека Кина криела информации за новиот вирус, но секако, ова е една страна на приказната. А на таа страна е “Жената лилјак” чие откривање на новиот коронавирус претставува најголемо откритие во нејзината 16-годишна научна кариера.
Кога на 30 декември добила повик за ситуацијата со Вухан, Ши знаела дека се спрема нешто страшно и се плашела дека е “ослободен” вирус од лабораторијата во која работела. Тогаш била на конференција надвор од градот кога го примила повикот.
Во Вухан тогаш биле регистрирани двајца пациенти со необично воспаление на белите дробови. Тамошниот Центар за контрола и превенција на болести ѝ напоменал на научничката дека новиот вирус може да биде смртоносен за јавното здравје.
Женгли се вратила со воз во Вухан и постојано работела со тимот за да го открие генетскиот код на вирусот, кој наскоро се прошири како шумски пожар ширум светот.
Ши не очекувала дека коронавирусот ќе се појави во централна Кина бидејќи во текот на повеќегодишните истражувања докажала дека суптропските области на Кина се изложени на најголем ризик за пренесување на вирусот од животни на луѓе, а не Вухан, кој се наоѓа во централниот дел на земјата.
Од 2004 година, Ши Женгли со својот тим соработници ги проучувала пештерите во близина на Нанинг. Таа рекла дека работата била често фрустрирачка. Ши исто така била дел од тимот кој го испитувал потеклото на САРС, кога научниците од Хонг Конг откриле дека заразата потекнува од цибетките.
Во светот моментално се заразени 3,062,557 лица со коронавирус, починале 212,345, а закрепнале 5,593,495 лица.