Бизнисот со недвижности на стаклени нозе

Продажбата на станови во март годинава во однос на истиот месец лани е драстично намалена. Намалување поради забраната за движење има и кај недвижностите кои се даваат под наем. Побарувачката за изнајмување на станови се намали значително поради ограничувања во движењето и патувањето.

Консултанската агенција за недвижности Фортон спроведе анализа на состојбата со недвижности во земјава, податоците за овој бизнис покажуваат дека околу 30% од договорите за продажба потпишани во март 2020 година се со најава за откажување поради тоа што луѓето се воздржуваат од инвестирање и трошење на својот капитал во време на кризи и неизвесност. 

„Од вкупниот број посети на станбени имоти кои се на продажба, во февруари во споредба со периодот  пред појавата на пандемија, има значителен пад од 83% во бројот на посети на лице место во објекти кои се на продажба, на ниво на цела држава. Овој јаз во вкупниот број посети е многу повеќе изразен при споредување на март 2020 со јануари 2020 година каде се забележува намалување од речиси девет пати во бројот на посети или пад од 90%“, покажуваат резултатите од истражувањeто. 

Најголем дел од ваквите ефекти се  резултат од воведените ограничувања на движење  од властите на цела територија на Македонија. Станбениот пазар како еден од најдинамичните и традиционално стабилен сегмент на недвижен имот на пазарот во земјата, почна да ги доживува непосредните последици од новонастанатите околности од пандемијата. Ситуацијата влијае на вкупната стапка на економски раст но гледано на подолг рок ќе има незначително влијание на пазарот на недвижности во Македонија. Влијанието може да се почувствува на краток рок но, инвеститорите може  да реагираат во услови на неизвесност. 

„Очекуваме незначителни влијанија на Ковид-19 врз приносите од недвижниот имот, па така се очекува нивото на принос да остане исто или со мали измени во следниот период. Што се однесува до предвидувањата за вториот квартал од  2020-та, се очекува дека бројот на посети на лице место и продажбата ќе забави.“

По падот на продажбата во март 2020 година и откажување на веќе потпишаните договори за продажба, се очекува обемот на продажби да се спушти на минимум за време на второто тромесечје годинава, под претпоставка дека пандемијата нема да се влошува. Во однос на оваа претпоставка, не е исклучено пазарот да започне да се опоравува многу брзо односно од третиот квартал годинава. Ваквото предвидување според експертите за недвижности се заснова на историски забележано голем интерес за време на третиот квартал лани, како и релативно голема побарувачка евидентирана пред појавата на пандемијата.

Што се однесува до деловниот простор, влијанието на Ковид-19 сигурно ќе предизвика зголемен притисок и промени на локалниот пазар за деловен простор. Тоа ќе се движи во насока на одложување на инвестициските активности и ќе придонесе за мало намалување на износот на закупнината споредено со претходно очекуваното движење на цените.  Подготвеноста и флексибилноста на компаниите за промена на начинот на работа во ова време е клучно за тоа какво ќе биде движењето на овој пазар. Еден од активните начини за спречување на ширење и заштита од Ковид-19 е работата од дома, за која компаниите ќе треба да инвестираат повеќе во ИТ технологии за овозможување на работа од дома.

„Веројатно со зголемено работењето од дома ќе се намалува канцелариската работа, а сопствениците ќе бидат изложени на краткорочни закупи. Намаленото користење на канцелариски простор во некои земји влијаеше и на намалување на цената за закупнина и за 50%, но во одредени случаи треба да се има предвид дека сопствениците на недвижност имаат кредитни обврски во банките и приходот од закупнината им е клучен. Работната сила, заштитата на луѓето и благосостојбата ќе станат приоритет за компаниите. Треба да се стави грижата во првите редови како основна должност на компанијата кон вработените и да се обезбедува продуктивно работно место“, стои во истражувањето.

Како резултат на ширењето на Ковид-19 низ целата земја, одредени ограничувања и целокупната вонредна состојба го блокираше движење во сите сегменти, има влијание врз работата на многу компании и трговците на мало, предизвикувајќи затворање на трговски центри и канцеларии. Иако влијанието на пандемијата релативно директно влијае на целокупната економија, импликациите врз секторот недвижнини засега се краткорочни и допрва треба да бидат целосно реализирани и разгледувани на подолг рок, заклучуваат од Фортон.

Социјалното влијание на „Ковид-19“ може да продолжи да се чувствува во текот на периодот кој следи, закрепнувањето ќе потрае некое време за целосен ребаланс во социјалните и економски аспекти. Некаде, ова ќе го промени  начинот на живот и работата, веројатно доведувајќи до нови оперативни модели, принудувајќи интеграција на технологијата во сите сегменти, измислување нови мерки, политики и процедури, со цел да се намали ризикот на краток и долг рок. Иако човечкото, економското и деловното влијание се неизбежни, негативниот ефект од пандемијата на секторот на недвижности ќе биде мал и индиректен, особено во малите земји како што е Македонија.

Translate »