ГРЦИЈА ОТВОРА ВРАТИ ЗА ТУРИСТИТЕ БЕЗ ЗАДОЛЖИТЕЛНО ТЕСТИРАЊЕ ИЛИ КАРАНТИН ЗА ТУРИСТИТЕ
Грција ги отвора вратите за летната туристичка сезона без задолжително тестирање или карантин за туристите, а од 1 јули ќе го обновува меѓународниот воздушен сообраќај, објави денеска Харис Теохарис, министерот за туризам, јавува порталот „Екатимерини“.
Сепак, Теохарис најави дека медицинските услуги ќе ги тестираат патниците од странство ако и кога сметаат дека е потребно.
После телевизиското обраќање на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој претстави сеопфатен план за активирање на грчката економија, министерот Теохарис ја информираше јавноста за посебните мерки што ќе бидат имплементирани со цел заживување на туристичката индустрија.
Во првиот период, од 15 јуни, меѓународните летови ќе бидат насочени само кон меѓународниот аеродром во Атина, но се очекува од 1 јули да бидат отворени сите грчки аеродроми.
Првите туристи ќе бидат од земји со охрабрувачки епидемиолошки податоци, како Германија.
Покрај тоа, Теохарис најави засилени здравствени услуги прилагодени на специфични дестинации, како и оперативен план во случај на појава на заразата во текот на туристичката сезона.