Научници тврдат: Летото нема да го сопре коронавирусот, ќе се шири додека населението не стекне имунитет
Летните температури во северната хемисфера веројатно нема значително да влијаат на пандемијата на коронавирусот, тврдат научниците од Универзитетот Принстон.
Неколку статистички студии спроведени во последните месеци покажаа слаба поврзаност на климата и коронавирусот – што е потопло и повлажно, помала е веројатноста за ширењето на вирусот.
Но, сепак станува збор за прелиминарни податоци и поврзувања само на климата и Ковид-19 во многу работи е непозната. Студијата од Принстон објавена во магазинот “Science” не ја исклучува таа корелација, но заклучува дека влијанието на климата на ширењето на вирусот е „скромно“.
„Нашите откритија покажуваат дека без ефикасни мерки на контрола, вирусот ќе продолжи да се шири и во топло и влажно време. Таквите временски услови нема значително да ја сопрат пандемијата“, стои во студијата.
„Предвидуваме дека потоплото и повлажното време во првата фаза нема да го забават ширењето на вирусот“, изјави Рејчел Бекер од Принстон.
Иако климатските влијанија, посебно влажноста во воздухот имаат улога во ширењето на другите коронавируси и грипови, авторите на студијата велат дека во овој случај е поважно ширењето на колективниот имунитет на Ковид-19.
„Општо говорејќи, вирусот ќе продолжи да се шири затоа што меѓу населението нема доволно имунитет“, појасни Бекер и додаде дека во земјите како Бразил, Еквадор или Австралија, во кои времето е потопло, не било забележано влијание на временските прилики на ширењето на вирусот.
Според авторите, без мерки за контрола или вакцина, вирусот ќе продолжи да се движи меѓу големите делови од светската популација и подоцна ќе стане сезонска болест откако ќе му се намали „залихата“ на неизложени домаќини.