Од каде доаѓа новата супер храна на македонскиот пазар!
Од лабораторијата на македонскиот научно истражувачки центар Плант инженеринг ни доаѓа новата супер храна! Храна на иднината, здрави растенија добиени со употреба на ин витро технологија.
Супер здрава микро храна, од разни растителни видови, вклучувајќи зеленчук, овошје, градинарски, ароматични и лековити билки добиени со употреба на врвна технологија. Микро растенија кои го зајакнуваат имуниот систем, кои се богати со растителни влакна, витамини и многу други природни компоненти. На пример јапонска ротквица која го зајакнува имуниот систем и овозможува внесување на дневната препорачана доза витамин С и фолна киселина. Или микроброкулата богата со сулфорафанот една од најмоќните природни компоненти кои му се познати на човекот и се смета за најдобар природен лек против ракот. И многу повеќе. Затоа на оваа тема разговараме професор д-р Соња Гаџовска Симиќ која е раководител на истражувачкиот тим во компанијата Плант инженеринг.
1.За почеток колку е здрава оваа храна, и зошто треба да ја користиме?
Современиот и динамичен начин на живеење на модерниот човек диктира потреба за консумирање на свежа и здрава храна која денес е позната како „функционална храна“ или „супер храна“ богата со витамини, минерали, аминокиселини и антиоксиданти. Плант Инженеринг произведува микрорастенија од ротквица, брокула, рукола, зелка, морков, синап, амарант, босилек, коријандер, пченка, пченица и други градинарски, ароматични и лековити растителни видови (може да го погледнете производниот каталог на нашата web страна www.plantengineering.mk).
Микрорастенијата се млади растенија составени од изданок заедно со првиот пар на листови и имаат висина од 5 до 10 cm. Овие мали и симпатични растенија можат да имаат зелена, жолта, црвена или виолетова боја, поседуваат карактеристична арома и интензивен вкус на слатко, кисело, неутрално или пикантно. Важно е да напоменеме дека станува збор за органско растително производство во внатрешна вертикална фарма под строго контролирани услови без присуство на агротехнички или хемиски препарати. Нашите органски микросалати со својот висок квалитет и принос ги задоволуваат сите економски, еколошки и фитосанитарни критериуми. Колку овие млади микрорастенија се здрави покажува и податокот дека тие имаат 4 до 40 пати повисока нутритивна вредност во споредба со возрасните растенија. Така на пример, содржината на минерали во 53 g свежа микроброкула е иста како во 91 g возрасно растение од брокула во фаза на цветање.
Со својата големина од неколку сантиметри, црвена микрозелка поседува 6 пати повеќе витамин C, 60 пати повеќе витамин К и дури 400 пати поголема содржина на витамин Е во споредба со црвена зелка во фаза на зрелост. Микроброкулата и микроротквицата содржат 10 пати повеќе витамин А, B6 и C кои во комбинација со железото, цинкот, бакарот и магнезиумот целосно ги задоволуваат дневните потреби од витамини и минерали на човекот.
Микрорастенијата се користат како свежа салата или како додатоци во салата, сендвич или готвена храна, може да се користат како блендирано свежо смути или мешани сокови, но и како прилог во разни оброци во кулинарството.
Поради тоа може да кажеме дека консумирањето на сурови и свежи микросалати претставува вистинска “нутритивна бомба“ во споредба со конвенционалниот зеленчук кој често се користи термички обработен во дневните оброци при што се губат хранливите материи и термолабилните витамини.
2. Како дојде идејата за производство на ин витро микрорастенија? И кој се е вклучен во тимот?
Идејата за производство на микрорастенија произлезе од долгогодишната научноистражувачка и апликативна дејност од тимот на професори и истражувачи во Лабораторијата за растителни in vitro култури на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Оваа Лабораторија е основана од проф. д-р Мирко Спасеноски, кој ги постави темелите на растителната in vitro технологија во Република Македонија. Јас ја усовршував оваа технологија на Универзитетот во Орлеан, Франција каде ги завршив докторските студии од областа на молекуларната биологија на растенија, а мојот соработник доц. д-р Оливер Тушевски успешно ги продолжи научните истражувања од оваа област во соработка со многу Универзитети ширум светот.
Во 2011 година, Лабораторијата беше опремена со високософистицирана научноистражувачка опрема во рамките на Програмата на Владата на Република Македонија за опремување на лабораториите на државните универзитети, што беше одлична основа за изведување на современи експериментални истражувања од областа на растителната биохемија и физиологија. Резултатите од нашите истражувања се публикувани во многу научни трудови во релевантни научни списанија со фактор на влијание, а со тоа нашиот тим стана препознатлив во светската научна јавност.
Во 2018 година, на Институтот за биологија при ПМФ во Скопје ја основав спин-оф компанијата Плант Инженеринг чија приоритетна дејност е истражување и експериментален развој во растителната биотехнологија.
Во април 2019 година, компанијата почна со реализација на проектот “Производство на здрав растителен материјал со примена на in vitro технологија – МАКМИКРОПЛАНТ” ко-финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) од Програмата за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија. Во рамките на овој проект во лабораториите на Плант Инженеринг имплементиравме нова и модерна опрема за комерцијално производство на микрорастенија со примена на in vitro технологијата. Исто така, со помош на овој грант конструиравме внатрешна вертикална фарма со вкупна работна површина од околу 200 m2 низ која циркулира прочистен воздух преку HEPA систем за вентилација во која ги култивираме и размножуваме микрорастенијата под строго контролирани асептични услови (температура, релативна влажност, интензитет на осветлување и фотопериод). На ваков начин органското производство на микрорастенија се одвива во текот на целата година независно од сезоната и надворешните еколошки фактори.
Денес, во тимот на Плант Инженеринг учествуваат и млади истражувачи, меѓу кои и биолозите Марија Тодоровска и Јована Георгиева кои работат на стандардизација на условите и методите за производство на микрорастенија од различни растителни видови.
3. За кого е наменета оваа храна? Или за што се ни помага!
Микрорастенијата се одличен избор во исхраната за сите возрасни групи.
Ние креиравме неколку комбинации кои ги препорачуваме на потрошувачите:
- Микробебимикс од брокула, грашок и сончоглед
- Микроантиокс од амарант, брокула, црвена зелка и пченка
- Микроароматик од рукола, босилек, брокула и ротквица
- Микропикант од брокула, рукола, ротквица и синап
Овие мешани микросалати како извор на витамини, минерали, антиоксиданти и растителни влакна учествуваат во спречување на срцеви, невродегенеративни и канцерогени заболувања, регулирање на телесната тежина, како и во зајакнување на менталното и физичкото здравје.
Колку е здрава оваа храна и како ни помага во превенцијата на многу заболувања говорат и следните примери. Антиоксидантите му помагаат на организмот да ги елиминира слободните радикали кои се нестабилни молекули што се создаваат како резултат на природните телесни процеси кои можат да предизвикаат оштетување на клетките и појава на канцерогени заболувања. Микросалатите се богати со флавоноиди и полифенолни соединенија кои имаат висок антиоксидантен капацитет и учествуваат во превенција од срцеви заболувања преку намалување на нивото на триглициериди и холестерол. Овие антиоксиданти го регулираат транспортот на глукоза во клетките што овозможува со намалување на хипергликемијата. Во тој контекст, лабораториските студии покажале дека консумацијата на микрорастенија кај дијабетичарите го подобрува нивото на глукоза во крвта за 25-44%. Сите овие микрозеленчуци имаат низок процент на јагледхидрати и претставуваат вистински избор за регулирање на телесната тежина.
4. Каде може да се купи?
Во изминатата година, тимот на Плант Инженеринг беше фокусиран на развивање на технологијата за добивање на висококвалитетен производ што ќе ги задоволи сите економски, еколошки и фитосанитарни карактеристики.
Продажбата на микросалати од градинарски, ароматични, зачински и лековити растенија беше ограничена само на ресторани и фудбарови, како и преку онлајн продавница. Во разговори сме за пласман на нашите производи во големите ланци на маркети и се надеваме дека наскоро ќе бидат достапни до сите потрошувачи.
5. Какви се светските искуства со консумација на ваква храна.
Во последните години во светот расте интересот на потрошувачите за оваа функционална храна поради развивање на едукативните програми за превенција од разни заболувања кои во модерното општество најчесто се јавуваат како резултат на неправилната исхрана.
Според Европската Агенција за безбедност на храна (EFSA), дневните потреби за консумација на витамини кај возрасно лице со просечна телесна маса изнесуваат 60 mg витамин C, 13 mg витамин Е и 70 μg витамин К. Научните истражувања покажуваат дека само неколку грами од различни микрорастенија можат целосно да ги задоволат дневните потреби од витамините C, Е и К кај човекот. Интересни се научните податоци кои покажуваат дека човекот може да ја исполни дневната препорачана доза на витамин C ако внесе само 41 g црвена микрозелка. Во продолжение, дневните потреби од витамин Е кај човекот се исполнуваат со внесување само на 15 g микроротквица, а 17 g микроамарант би биле доволни за да се исполнат дневните потреби од витамин К.
Значењето на микросалатите како извор на минерални елементи е потврдено и преку истражувањата кои покажуваат дека дневните потреби на човекот од минерали се задоволуваат со мешавина од микропченица, микросончоглед и микроброкула подготвени како свежа салата, смути или цеден сок.
Производителите на микросалати го препознаваат интересот на потрошувачите за микрорастенија од градинарски, ароматични и житни растенија како една нова гранка во трговијата.
6. Кои се идните планови на Плант Инженеринг?
Тимот на Плант Инженеринг планира брендот на микрорастенија – МАКМИКРОПЛАНТ час поскоро да стане достапен до големите ланци на маркети во нашата земја, односно што побрзо да бидеме препознаени на домашниот македонски пазар. Потоа, планираме да ги понудиме микрокултурите од ароматични и лековити растителни видови како суровини за подготовка на фитопрепарати, зачини, ароми и суплементи во фармацевтската, козметичката и прехранбената индустрија.
Комерцијалното производство на микрорастенија ќе има позитивно влијание на долгорочната конкурентност на компанијата врз македонското растително производство затоа што овозможува сигурен пристап на потрошувачите до безбедна и здрава органска храна.Високиот нутритивен и фитосанитарен квалитет на микросалатите обезбедува економски прифатливо растителното производство кое овозможува заштита на животната средина и на природните енергетски ресурси.
Дополнително инфо за постапката на производство
Плант Инженеринг развива нови и иновативни in vitro техники за масовно комерцијално производство на микрорастенија од градинарски култури, овошни растенија, како и ароматични, зачински и лековити растенија. Терминот in vitro значи “во стакло” и всушност оваа технологија опфаќа култивирање на семиња, интактни растенија или делови од растенија (пупки, изданоци или листови) на хранлива подлога која се подготвува во стаклени садови во контролирани стерилни услови. Технолошкиот процес за производство на микрорастенија во in vitro услови ги опфаќа следните фази:
1. Подготвителна фаза во која се подготвува хранлива подлога и се врши површинска стерилизација на семето за да се отстранат сите патогени микроорганизми кои се наоѓаат на семеновата обвивка.
2. Воведување на семенскиот материјал во in vitro услови кога се врши засејување на семето на хранлив медиум, при што по 7-14 дена семето ‘рти и од него се развива младо микрорастение.
3. Мултипликација или размножување кога од младото микрорастение се изолираат и култивираат врвни или странични пупки од кои се развиваат нови изданоци. Потоа, овие изданоци се размножуваат со цел да се добијат што поголем број на мултиплицирани изданоци.
4. Вкоренување е фаза кога мултиплицираните изданоци се субкултувираат на подлога за вкоренување за да се регенерираат цели микрорастенија.
5. Аклиматизација на регенерираните микрорастенија во пластични садови со смеса од вермикулит и перлит (1:1).
6. Колекционирање и пакување на микрорастенијата и нивна дистрибуција до потрошувачите. Микрорастенијата се одржуваат во ладилник на темпрература од +4°С и имаат рок на траење од 7-10 дена.