Проверете го вашиот е-маил, 115.000 граѓани добиваат ваучер во вредност од 6.000 денари

Околу 115.000 граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам, како дел од третиот пакет економски мерки со цел поддршка на туризмот.

Граѓаните кои ги исполнуваат условите за оваа мерка, на својата електронска пошта ќе добијат QR код во вредност од 6.000 денари и упатство за користење на истиот.

Предвидена е мерка наменета за сите вработени граѓани кои имаат приходи до 15.000 денари месечно или според податоците од Управата за јавни приходи во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле приходи поголеми од 60.000 денари.

Оваа категорија на граѓани ќе добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, во период од 15 јули до 15 декември 2020 година.

Според постапката за добивање на ваучер, УЈП ги доставува податоците за граѓаните кои ги исполнуваат условите за оваа мерка, а потоа на истите преку електронска пошта им се доставува ваучер со код во вредност од 6.000 денари и упатство за користење на истиот.

Со оваа мерка е предвидено да бидат опфатени над 130.000 граѓани, а буџетот кој го има на располагање Министерството за економија за поддршка на туризмот е вкупно 10 милиони евра.

Translate »