Горан Боев- Се‘ на овој свет брзо поминува, но убавината на ликовното дело останува за вечноста!
Оние кои долго време го следат вашиот уметнички опус се сведоци на трансформацијата во креативниот израз. Колку еден уметник треба да експериментира, или пак, да се држи до одреден стил и препознатливост?
Уште за време на моите студентски денови, освен класичниот реализам кој се трудев да го совладам, пробав, надвор од факултетот да работам скоро во сите сликарски стилови (правци) кои ми беа познати (импресионизмот, кубизмот, надреализмот). Мислам дека успеав, во сите тие различни стилови, да направам пристојни сликарски дела. Сепак, на факултетот се држев до реалистичниот начин на сликање по што бев препознатлив кај професорите, но не бев наклонет кон американскиот хиперреализам туку кон послободна форма на доловување на моментот блиска со, ако можам така да кажам, руското класично сликарство.
Но, иако ракописот беше реалистичен, темите кои ги обработував не беа. Сакав во своите слики да внесам приказна, енигма, метафора. Да не бидат површни туку со подлабока содржина.
Што е стилот во едно уметничко изразување? Тоа е симбиоза на ракописот и темата – една нивна среќна релација.
Така, во тоа мое реално-метафоричко расположение мислам дека делумно успеав да создадам еден мој сопствен ликовен стил олицетворен во делата на мојата дипломска работа. Но, реалистичниот начин на изразување, иако длабоко вкоренет, сепак не се задржа во моето понатамошно размислување и творештво.
Во моите постдипломски студии метафората како преокупација остана но реализмот доби превод во една детска визија, мечта, илустративно преработена ренесанса (која е исто важен сегмент од моите детски сеќавања и искуства). Со делата од мојот постдипломски труд настапив и на групна изложба со мои колеги, каде кураторката на самата изложба не можеше мојот стил да го смести во ниеден препознатлив правец, а јас сето тоа го прифатив како пофалба. Тој мој циклус (постдипломскиот труд) се состоеше од петнаесетина слики, целосно стилски поврзани и во ракописот и во темата (заборавив да кажам дека под стил се подразбира и континуирана поврзаност на слика со слика во подолг творечки период). Но и покрај своевидниот успех на тие дела, тој мој стил заврши со длабок рез. Едноставно престанав да размислувам на тој начин иако и до денес добивам сугестии како требало да продолжам во таа насока, со тој стил на работа.
Од тогаш поминаа повеќе од десетина години. Дали во меѓувреме научив нешто? Што е тоа стил и препознатливост и зошто треба да се негува? Има ли навистина вредност во тоа публиката да те препознава без да го прочита потписот врз делото кој обично стои доле десно? Треба ли да се инсистира на тоа, стилот да се стави во процес на креација а во меѓувреме да се жртвуваат добри идеи, се‘ со цел тој да биде запазен? Може ли уметник без харизма да создаде дело во стил? Дали самиот стил подразбира и убавина и умешност или препознатливоста е доволна? Тоа се загадочни прашања на кои тешко се наоѓа конкретен одговор. За уметникот е поважно да реши што ќе прави во пракса. Најдобра појдовна точка е, ми се чини, да се биде искрен, најнапред со самиот себе а потоа и со публиката. Затоа повторно се навратив кон детството но овој пат чисто емотивно, без скриени пораки и метафори. На сликата се појавува мачка, куче, прозорец, цвеќе, дете… Тоа е портрет на едно минато време, портрет на моето детство. Што се однесува до техниката и ракописот, не се заложувам секоја слика да ми помине низ ист сликарски третман. Некогаш сликам со наслаги од боја, некогаш лазурно. Некогаш цртежот е изразен и експресивен, некогаш суптилен и геометриски. Некогаш е комбинација на се‘ во се‘. Не се грижам премногу за стилот но тоа не значи дека оставам се‘ на случајноста. Се трудам во работата но не се ослонувам на сопствените сили но на Божјата иницијација.
Во последниве ваши дела го забележуваме детето во вас, кое успеало да опстане со годините на созревање како уметник и човек. Дали тоа доаѓа спонтано?
- Како што веќе кажав претходно, повеќе од една деценија се обидувам во сликарството да допрам до она што е суштинско, искрено, чисто, благопријатно и неосквернето. Таа моја потрага ме наведе да се навратам во детските денови и да пробам повторно да размислувам како дете. За жал, како созреваме, негативните искуства и примери на кои наидуваме, наместо да се поучиме од нив и ги отфрлиме како такви, ние ги прифаќаме со раширени раце и од нив правиме своевиден образец, упатство за понатаму. Со тоа предизвикуваме, како во секојдневниот живот, така и во уметноста, изместување на правилната перцепција за вистинските вредности, вистинската убавина на нештата. Но, тоа не е случај со детските очи, детскиот поглед на светот. Затоа во моето творештво посегнувам по мотиви од детството и се трудам да гледам како дете. Детето гледа многу појасно од возрасните, неговиот поглед не е заматен од секојдневни грижи и непреболена суета. „Не знам дали си спомнувате со каква восхит, како мало дете, сте ги откривале шарите на килимот за свечени, празнични денови, врз кои се движат сончевите зраци. Сега го газиме не забележувајќи го…“ – ќе забележи Д. Кондовски.
Со сеќавањата на моето детство и размислувањата за тоа што било и што би можело да биде, влегувам во еден емотивен амбиент кој ми овозможува да се запрашам што е навистина важно, и во уметноста и во животот.
Колку твори Боев во овој период? Дали престојот дома е мотив повеќе да работите?
- Не можам да се пофалам дека времето откога настапи пандемијата ми е плоден период но, фала му на Бога, успевам да „исфрлам“ по некое дело од ателјето. Оваа вонредна состојба навистина дојде неочекувано и за жал, голем дел од времето моравме да останеме дома. Но, што да се каже – секое зло за добро е. Останувањето дома може да се искористи и во позитивна насока. Човек колку-толку да се смири, да направи ревизија на досега сработеното и во домашен мир да размислува за понатаму. Останувањето дома нуди извесна можност за творечки прогрес но под услов духовно да се надмине општо-поразувачката состојба во која влезе целото општество и да се верува во подобро утре. Сепак, мора да се признае дека никогаш во својата историја човештвото не било исправено пред вакво искушение кое, дури и да стивне, изгледа уште долго време ќе го зема својот данок. Затоа, во условите какви што се, не би можел да кажам дека сум среќен и мотивиран седејќи дома и трпејќи штета во поглед на социјалниот живот, бидејќи, како што кажа еден познат писател: „Не може човек да појде во пустина и да твори“ – алудирајќи на тоа дека ние, свесно или несвесно, сепак твориме за публиката. Во малку погруба форма кажано: Зарем некој би создавал дела ако претходно му биде кажано дека нема да ја видат светлината на денот? Затоа надежта во подобро утре сеуште ми дава волја да творам и да го живеам својот сон.
Неодамна со уште тројца родни автори имавте заедничка фејсбук изложба. Како таа помина, какви беа коментарите?
- Уште пред да настане оваа општествена непогода, реализацијата на оваа изложба беше изнесена како идеја од еден мој пријател кој првенствено се занимава со писателска дејност, г-дин Тодор Богев. Дружејќи се често со нас, ликовните уметници, дебатирајќи за ликовната уметност и пишувајќи за неа, кај него спонтано се јави потребата да почне и самиот да слика на платно. Со зачудувачки сензибилитет тој изработи неколку слики во сопствен стил, кои ги изразуваат неговите философско-животни убедувања и преокупации. Како што кажав, на негова иницијатива, јас и уште двајца уметници, Ќиро Јосифов и Лазар Дојчинов, решивме да изложиме свои дела кои не се подржуваат меѓусебно по аналогија, туку напротив, даваат преглед на сите можни форми на штафелајното сликарство, како во поглед на самите теми (пејсаж, мртва природа, портрет, апстракција), така и по користените техники (акварел, акрил, комбинирана техника). На некој начин се обидовме да создадеме една хармонија на контрасти каде едно дело се разликува од другото според својата идeја, но хронолошки, од едно дело да произлегува другото. Тоа е така бидејќи, дури и од аспект на историјата на уметноста можеме да посочиме дека на пример, самата апстракција како форма и ракурс, произлегува од доцните пејсажи на Тарнер и Моне.
Сепак оваа изложба не беше замислена како настан сам за себе туку во склоп на богата програма и на други уметности, музиката и поезијата, односно беа предвидени настапи на наши познати музичари поетско читање од најновото творештво на нашите автори-писатели. За жал, иако скоро се беше спремно, се појави пандемијата а заедно со неа и вонредната состојба која, еве до денес, забранува дружење во поголеми групи. Беше разгледана можноста изложбата да биде презентирана online, со официјално отварање, но сите уметници не беа согласни околу тоа па самата изложба, иако веќе поставена, сеуште чека „подобри времиња“. Инаку за неа веќе има видео-записи на фејсбук кои донекаде го доловуваат амбиентот и секако, наидовме на позитивни коментари и подршка, но во исто време тоа е и сведоштво за неповолната состојба во која се најде уметноста, како и секоја друга делатност на човечката креација.
Дали пандемијата која не‘ зафати влијае на уметноста?
- Секако дека влијае, веќе проговорив за тоа. Ми се чини дека депласирачки е да се зборува за состојбата во уметноста кога се загрозени сите сектори кои го сочинуваат општествениот живот. Секоја општествена криза најпрво ги погодува егзистенцијалните потреби на луѓето а оваа криза отиде до таму што успеа да го активира дури и „инстиктот за преживување“ – како што тоа го изложи еден британски автор и аналитичар. Во еден таков амбиент не можеме да очекуваме многу простор за уметноста која за жал, и во мирновременски услови, обично доаѓа на последно место. На пример, можат ли да бидат на исто рамниште воениот буџет, буџетот за здравство и буџетот за култура? Секако дека не. Уметноста е дејност и потреба без која може да се живее. Секако, таквиот живот би изгубил секаков квалитет и смисла и би станал речиси безличен но како таков би опстоил. Да бидеме благодарни што уметноста сеуште не е фрлена на колена, што сеуште е креативна и прогресивна и да се надеваме дека ќе го преживее ова искушение.
За крај, која е вашата порака за уметниците во земјата?
- Па, не би можел да препорачам нешто што до сега не е познато. Јас како автор се ослонувам на своето сопствено искуство и не можам да се ставам во улога да им давам совети на другите уметници, посебно во оваа вонредна состојба. Сепак, бидејќи доста време (со извесен прекин) работам и во образование, би можел на младите што се занимаваат или што сакаат да се занимаваат со уметност, да им порачам да бидат посветени и вредни бидејќи талентот е Божји дар и треба да се умножува. Да бидат аналитични и трезвени, одвојувајќи ги вистинските вредности од лажните, и без разлика на овие општествени неприлики во кои се најде целиот свет, да се стремат кон квалитет и чесна работа а не кон квантитет и лесна заработка затоа што брусениот дијамант е повреден од сите шарени камчиња околу него. Се‘ на овој свет поминува брзо а убавината на делото останува.