Мартовски поход во градината
И покрај тоа што појавата на мраз е очекувана во остатокот од месецот, сончевите денови што се прогнозираат за овој период ќе овозможат совршени услови за работа во градината.
Голем број подготовки треба да се изведат пред официјалното започнување на сезоната на садење, а сончевото и топло време се одличен повод да се започне со овие активности.
*Подготовка на почвата за садење
Основната обработка на почвата (копање/површинско раситнување) е препорачливо да се врши на есен. Но доколку од некои причини не сте успеале да ги подготвите леите или позициите за садење на време, сега е вистинското време да го сторите тоа. Мразот кој неизбежно ќе се појави до крајот на зимата ќе ви помогне во понтамошното иситнување на почвата и формирање на оптимална подлога за садење. Се разбира, збогатувањето на почвата со органски материи е главен предуслов за успешни и раскошни растенија, па пред садењето не заборавајте да додадете домашен компост (доколку сте го подготвиле) или да купите некој од бројните производи кои ја зголемуваат хранливоста на почвата.
* Плевење
Невообичаено топлата зима ја забрза и појавата на плевели, па оваа година веќе се забележуваат цветни леи во кои поникнале голем број на плевели. Покрај тоа што тие визуелно го нарушувааат изгледот на леите, поголем проблем е нивната агресивност и вигор во растот. Тие претставуваат сериозна закана за декоративните растенија кои ги одгледуваме со голема љубов и нега, исцрпувајќи ги ресурсите како хранливи материи и вода. Најлесниот начин за справување со плевелите е садење на покривачи – растенија кои ползат по површината на земјата па скоро и не оставаат простор за развивање на плевелите. Но, во цветните леи често имаме растенија кои подоцна во сезоната ја развиваат надземната лисна маса, а на тие привремено празни површини се јавуваат плевели. Нивното рано и редовно отстранување, пред да израснат во огромни примероци со кои тешко се справуваме, е единствениот метод за успешно извојувана битка со плевелите.
*Кроење
Кај нас традиционално пролетта е периодот кога започнува сезоната на закројување на овошните, а особено лозовите насади. Меѓутоа оваа година поради топлите денови, кроењето е неопходно да започне порано. Покрај овошките и лозите, голем број од декоративните растенија спаѓаат во оваа група на растенија, каде кроењето се врши додека растенијата се сè уште во мирување, пред да започнат со активниот раст на пролет. Најпознат пример во нашите предели за кроење на декоративните видови во доцна зима се розите, Rosa sp., но помалку познато е дека таков пример е и јапонскиот јавор, Acer palmatum, чие главно моделирање се врши кога гранките се голи.
Во овој период најлесно може да се пристапи кон обликување на неговата форма, но и да се исконтролира големината. Понатаму, индискиот јоргован, Lagerstroemia indica е меѓу видовите за кои кроењето рано напролет е многу полезно, бидејќи на тој начин се стимулира цветањето на лето.
Покрај малите декоративни дрвца, во оваа сезона се кројат и одредени грмушести видови како Aucuba japonica, Euonymus, Cotoneaster spp., кои се одгледуваат главно поради декоративните листови, а не цветовите.
Од декоративните треви, видовите кои се кројат во постудените периоди на мирување се: Cortaderia selloana, Festuca glauca и Liriope muscari, каде прецветаните цветни дршки, како и исушените лисја треба да се отстранат, како и сите останати листови кои сметате дека ја нарушуваат општата уредност на растението. Ползечките цветни растенијa се кројат со внимание да се остават по минимум три членчиња на гранките, а сега е и вистинскиот момент да се изврши првото кроење на зимзелениот бршлен, Hedera helix во сезоната, со цел да се ограничи неговото ширење пред да започне со инвазивниот раст.
Можеби најважно да се напомене е дека во овој период не се препорачува кроење на цветните видови, без разлика дали се работи за грмушки или дрвја, кои цветаат на пролет, како јоргован, магнолија, јасмин, итн. туку тоа се врши по нивното цветање.
При кроењето секогаш се фокусираме пред се на отстранување на мртвите и оштетени делови од растенијата, понатаму гранките кои се допираат меѓу себе, гранките кои растат кон внатрешноста на крошната – наместо нанадвор, како и гранките кои го попречуваат движењето на луѓето покрај патеките. Треба да се внимава да се користи соодветен, и пред се, чист алат, како и да се носи соодветна заштита на рацете, лицето и телото, бидејќи видовите со остри или трнливи гранки и лисја можат да предизвикаат сериозни повреди.
Пред да започнете со обликување на вашите растенија, најважно е детално да се информирате на кои аспекти при кроењето треба да внимавате за конкретните видови кои ги имате во градината. Доколку и покрај насоките не се чувствувате сигурни во она што треба да се направи, најдобро е тоа да го препуштите на професионален тим со долгогодишно искуство во областа на кроењето.