СЗО: Светот е во нова и опасна фаза од пандемијата
СЗО денеска одржа прес-конференција на која говореше генералниот директор на организацијата, Тедрос Адханом Гебрејзус.
Тој зборуваше за состојбата со коронавирусот во светот и рече дека човештвото сега се соочува со нова и опасна фаза на пандемијата.
Директорот на СЗО изјави дека вчера биле регистрирани 150.000 нови случаи на коронавирус.
„Речиси половина од овие случаи се пријавени во Америка (во Северна, Централна и Јужна Америка). Голем број случаи се пријавени и во јужна Азија и на Блискиот Исток“, додаде тој.
„Светот сега е во нова и опасна фаза. Разбирливо, многу луѓе се уморни да бидат дома цело време. Земјите едвај чекаат да ги отворат своите општества и економии. Но, вирусот се шири бргу. Тој сè уште е смртоносен, а повеќето луѓе сè уште се подложни на него“, објасни челникот на Светската здравствена организација.
СЗО им порача на луѓето да одржуваат физичко растојание едни од други, да останат дома доколку се чувствуваат лошо, да носат маски кога е тоа потребно и да ги мијат рацете што е можно почесто.
Според Си-ен-ен, кој се повикува на податоци од Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во целиот свет се потврдени повеќе од 8,4 милиони случаи на коронавирус.
Најмалку 453.000 луѓе починале како последица на новиот вирус.