БИРН откри дека српската влада ги крие бројките за починати и заразени од ковид-19

Во Србија од 19 март до 1 јуни годинава од ковид-19 умреле 632 пациенти, што е 388 повеќе од официјално соопштената бројка за тој период, која изнесува 244, откри Балканската истражувачка новинарска мрежа БИРН, преку увид во податоците во официјалниот државен информатички систем за ковид-19.

Новинарите на БИРН откриле и дека бројот на нови случаи на заразени во последните денови на минатата седмица се движел меѓу 300 и 340 дневно, што е многу повеќе од официјално соопштените бројки за 97 новозаболени.

Податоците за бројот на заразени бил во табела со име „Извештај за Владата“, кој се прави на основа на споменатиот информатички систем. Табелата содржи три податоци – број на тестирани и позитивни во последните 24 часа, број на починати, кој го одобрува Министерството за здравство, како и исполнетост на болнички кревети по болници.

Најголемата разлика меѓу реалните и официјално соопштениет бројки е забележана во Клинички центар Ниш, каде според официјално објавените податоци починале 77 пациенти, но податоците од информатичкиот систем кои ги видел БИРН покажуваат бројка од 243 починати чијшто резултат на тестот за ковид-19 бил позитивен. Тоа е разлика од 166 мртви.

Во КБЦ „Драгиша Мишовиќ“ бројката на починати е „намалена“ за 55 (39 соопштени официјално“ наспроти 94 во системот, КБЦ Земун официјално има 32 умрени пациенти, додека во системот има податоци за 88, а во КБЦ Звездара официјално 14, а во системот има 45 повеќе, односно вкупно 59. Во другите болници разликата меѓу официјалните бројки и оние за владата е нешто помала.

БИРН потсетува дека во последниот ден на март, како и на 1 април, на мобилните телефони на сите граѓани на Србија стигнала СМС во која пишувало дека ситуацијата е драматична и дека земјата „се приближува до сценаријата од Италија и Шпанија“.

Новинарите се обиделе да побараат изјави за овие огромни разлики меѓу официјалните и скриените бројки, па контактирале со надлежните од Министерството за здравство, членовите на Кризниот штаб, директорите на болниците и Институтот Батут, за да дознаат кој решавал кои бројки ќе се објават, но никој не одговорил на повикот да даде изјава.

Translate »