Пакомак совети: Еко навиките се создаваат од најмала возраст

Летото привршува, а како што се ближи почетокот на септември така и полека се менуваат одговорностите на најмладите, кои се враќаат во училишните клупи. Пред самиот почеток на школската година, корисно е децата да ги стекнат еколошките основи, кои ќе им помогнат да бидат поодговорен ученик и граѓанин, но и ќе им постават основа за развивање на еколошката свест во иднина.

Започнувањето на школската година за децата скоро секогаш значи нов почеток, нови авантури и стекнување на нови знаења, а за родителите иако овој период може да биде стресен, сепак тие можат да го искористат мудро и да им покажат на децата нови вештини и практични знаења со цел да ги подготват за одење на школо. Ова особено важи за еколошките навики, бидејќи тие најлесно се создаваат на најмала возраст.

Еден од основните еко-правила, кон кое се придржува и компанијата за управување со амбалажен отпад „Пакомак“, е дека најпрво треба да смислиме како да го намалиме отпадот, а дури потоа да размислуваме како да го одложиме или рециклираме. Тоа е и дел од Иницијативата на трите „Р“, која не’ подучува да: редуцираме, рециклираме и реупотребиме. Затоа, мудро е родителите да започнат со едукација околу процесот на намалување на отпадот преку практични примери, во самото домаќинство. Користењето на помалку амбалажен материјал при пакувањето на ужината може да е еден од начините на кои ќе го постигнете тоа – Наместо виткање на храната во проѕирна или алуминиумска фолија, ужината на децата спакувајте ја во пластичен сад кој подоцна може да се измие и реупотреби. Истото важи и за водата: наместо детето постојано да купува вода, може да си носи со себе шише кое ќе го користи секојдневно и нема да создава дополнителен отпад. Дури и со мали чекори во правилната насока, сепак ќе стигнете до целта.

Едукацијата е важна за поттикнување на децата да развијат сопствена еколошка свест и да се однесуваат одговорно во средината во која живеат. Иако тие ги добиваат основните информации на училиште, добро е едукацијата да продолжи и дома, каде што обично се создава карактерот и навиките на детето. Па така, ако детето на училиште научило дека отпадот може да се рециклира, родителите можат да му кажат КОЈ отпад може да се рециклира и КАКО се прави тоа. Научете го како правилно се селектира отпадот (поделба на отпад од пластика, хартија и стакло), како се одложува (канти во различни бои) и што всушност претставува процесот на рециклирање. Објаснувањето на процесот може да го заинтересира детето за подоцна тоа да ја продолжи едукацијата „на своја рака“.

Најважно е децата да добијат чувство дека и тие придонесуваат кон севкупниот напор за одржување на чиста и здрава околина. Па затоа, препорачливо е да се најде начин како да се заинтересира секое дете и неговите другарчиња, особено ако е дел од училишниот ден, каде што групната работа ги мотивира децата да се приклучат во активностите. Интересна идеја е децата да посветат еден училишен час за да направат три посебни канти за отпад, по една за секој од видовите отпад што можат да се рециклираат. Боењето на кантите во соодветните бои (сина за хартија, жолта за пластика и лименки, зелена за стакло) може да биде забавна групна активност, која децата ќе ја прераскажуваат и кога ќе отидат дома. Со едукативен и добро одбран пристап, децата полесно ќе ја прифатат нивната одговорност кон општеството и ќе се приклучат кон грижата за околината.

Најголемата шанса што ѝ ја давате на природата за да остане чиста и здрава е ако се однесувате одговорно кон неа. Пакомак ве повикува да го одложувате отпадот кој го создавате во соодветниот контејнер, за тој да може да заврши онаму каде што треба. Сиот отпад кој може да се рециклира најчесто е означен со знакот за рециклирање (♻) и треба да заврши во еден од обоените контејнери на Пакомак, кои ги сигнализираат трите видови на рециклабилен отпад: зелена (стакло), сина (хартија) и жолта (пластика и лименки). Што почесто го одложувате отпадот, толку повеќе природни ресурси успевате да заштедите. Затоа, постапувај одговорно, рециклирај и едуцирај!

Translate »