Се огласи монашкото братство на Бигорскиот манастир: Еве што соопштија во врска повикот на Трифун Костовски
(МИА) – Монашкото братство на Бигорскиот манастир искажува морална поддршка на отворениот повик што го упати Трифун Костовски, во кој ги повикува „сите политички партии, институции, владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка”, за да се спречи стечајната постапка на „Еуростандард банка”.
– Бидејќи станува збор за еден голем добротвор на Бигорскиот Манастир, ние како монашко братство, чувствуваме морална одговорност пред Бога и пред етичките закони, да одговориме на овој негов повик. Со оглед на тоа што нашиот животен призив и нашата дејност немаат допирни точки со банкарската дејност, нашата некомпетентност и неупатеност не ни дозволуваат да коментираме конкретно за тоа како и што се случува со Еуростандард банка. Затоа, пак, како луѓе, кои се посветени на евангелската проповед и општествено-хуманитарна дејност, си земаме за право да проговориме за бројните добри дела, што господинот Костовски ги има оставено зад себе во текот на неколку децении, бидејќи богоугодно дело е да се истакнуваат добрите подвизи на луѓето, како поука и пример за сите, стои во објавата на интернет-страницата на манастирот.
Се наведува дека Костовски е најголемиот дарител за обновата на конакот Долни Палат, којашто започна во 2002, а успешно заврши во 2006 година.
– Во тој временски период, Костовски во неколку наврати донираше значителни финансиски средства, со кои допола распаднатиот Долни Палат беше комплетно возобновен и дополнет со уште еден кат, согласно фото-документацијата што ја имавме од стариот конак, што изгорел во 1912 година. Со тоа тој визионерски ја помогна и социјалната мисија што денес Бигорски ја врши. Поради неговата голема помош за нашето десетвековно Светилиште, по предлог на Дебарско-кичевската епархија, г. Трифун Костовски беше награден со орденот на МПЦ-ОА „Свети Климент Охридски”, од прв ред, стои во објавата.
Исто така, во објавата се споменуваат и мноштвото други, како што стоти, општопознати негови даренија за други православни светињи во Македонија, меѓу кои катедралниот храм на Охридската Архиепископија „Св. Софија” Охридска, храмот на Света Петка во с. Галичник и многу други, како несебичната поддршка на голем број невладини организации, финансирање на научни проекти, уметнички колекции од национален интерес, македонската дијаспора, болници и социјални установи, помош на болни за операции и лекувања, особено на дечиња, неговите донаторски потфати во областите на науката, уметноста, културата и спорот во Македонија.
– Бидејќи благодарноста претставува една од највозвишените христијански добродетели, ние како монашко братство остануваме, заедно со многумина други од македонското општество, признателни кон господинот Трифун Костовски за сета негова благородна дејност во нашата Татковина. На крај, смирено бараме извинување од секого што евентуално би се почувствувал негативно засегнат од нашиот текст, бидејќи намерата воопшто не е некого да оцрниме или искритикуваме, туку само да ги истакнеме добрите дела на една личност, којашто е воедно и добротвор на нашата Света Обител. Дај Боже и ова најново искушение со кое таа личност се соочува да заврши со победа на доброто за многумина, стои во објавата.