Мирче Јовановски: Кон каква економија се стреми Македонија

Просто е несфатливо во време на светска пандемија, кога македонската економија доживеа пад од 12,5 отсто во едно тримесечје, министрите уште не седнати во фотелјите, енергијата да ја трошат на една контраверзна мерка за соодветно вработување на етничките заедници во приватниот бизнис

Кон каква економија се стреми Македонија? Кон пазарна, планска, централизирана, договорна, етноцентрична, хибридна…?

Прашањето на прв поглед е непотребно, па дури и бесмислено, ако се има предвид стратешката цел на земјата потврдена од безмалку сите политички партии – а тоа е Европската унија, каде што еден од столбовите (покрај демократијата, владеење на правото и тн.) е „функционална пазарна економија“.

Сепак, дилемата се наметна откако ДУИ „во пакет“ со прв премиер Албанец, во предизборната програма покрај другите, ја испорача и мерката за соодветно претставување на сите етнички заедници во приватните претпријатија. Таа, пак, во модифицирана форма најде место и во владината програма каде што стои дека „Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“.

Што би рекол министерот за економија, Крешник Бектеши, еден од најгласните заговорници на оваа мерка: „Мерката е во делот ‘Еднакво општество за сите’, на страна 39, параграф 3“.

Ниту тој, ниту некој друг од ДУИ, а ниту било кој друг од Владата, барем засега не излезе да објасни дали ваква мерка е спроведена во некоја од „функционалните пазарни економии“ кон кои се стреми Македонија и доколку имало такво нешто, какви биле ефектите во однос на зголемување на продуктивноста, рентабилноста, профитабилноста и други економски категории кои значат „живот или смрт“ за фирмите и за нивните сопственици, но и дали ќе има поголеми или помали приходи во државниот буџет.

Во поновата економска практика познат е терминот реганомика по мерките спроведени за време на мандатот на американскиот претседател Роналд Реган (1981 – 1989 година) кои се потпираа на практичната примена на економија на понудата, како одговор на до тогаш нерешливата состојба на истовремена инфлација и рецесија. Мерките кои бea преземени се однесуваa на поттикнување на активностите на приватниот сектор, зголемување на агрегатната понуда и намалување на даноците.

Кој знае, можеби мерките кои сега ги предлага ДУИ еден ден ќе бидат познати како ДУИ-номика, но тие сигурно нема да бидат поврзувани со функционирањето на пазарната економија во земјата, туку со отворање дополнителен простор за влијание на политиката во приватниот сектор, клиентелизам и нови партиски вработувања.

Во владината програма во делот на оваа мерка се споменува „искористувањето на целокупниот човечки капитал“. Еве што на таа тема (човечкиот капитал), вели Светската банка во еден од најзначајните извештаи кои ги публикува (Индексот на човечки капитал) за што Независен веќе пишуваше деновиве.

Според последното ажурирање на овој извештај од 16 септември, „дете родено денес во Северна Македонија ќе достигне 56 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и здравствена заштита“.

Тоа, како што наведува Светска банка, е пониско споредено со просекот во регионот на Европа и Централна Азија и земјите со висок среден приход. За цела една деценија, односно од 2010 до 2020 година, вредноста на Индексот на човечки капитал кај нас се зголемил за безначајни 0,02 процентни поени, односно од 0,54 на 0,56.

Овој показател на најдобар начин прикажува колку кај нас оние кои биле на власт во посочениот период сработиле да ги подготват луѓето да може да придонесуваат повеќе во општеството во кое живеат. Цели 0,02 процентни поени.

Светска банка уште наведува дека дете, кое во нашата земја започнува со училиште на 4–годишна возраст се очекува да заврши 11 години предучилишно, основно и средно образование додека да наполни 18 години. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години што значи дека има јаз во учењето од 3,7 години.

Зошто го споменуваме ова во контекст на дебатите со кои Владата врз себе си зема ингеренции да му кажува (или со политичкиот жаргон: да го охрабрува) приватниот сектор да вработува по етнички клуч.

Просто е несфатливо во време на светска пандемија, кога македонската економија доживеа најголем пад од 12,5 отсто во едно тримесечје, како што беше во вториот квартал годинава, кога десетици илјади луѓе остануваат без работа поради последиците од корона кризата и кога воопшто не се знае уште колку ќе трае и колкава ќе биде конечната цена, министрите уште не седнати во фотелјите, енергијата да ја трошат на докажување на една контраверзна мерка. Контраверзна затоа што е спорно колку е таа во согласност со Уставот, со домашните закони и меѓународните конвенции кои забрануваат каква било дискриминација врз основа на раса, пол, вероисповест… Циниците би рекле „село гори, баба се чешла“.

Никој не спори дека во фирми во кои сопственикот е од една етничка припадност, поголем број вработени да бидат од некоја друга. Оние на кои им е важен успехот на фирмата, веројатно ни пет пари не даваат за такви атрибути, сѐ додека вработените ги извршуваат работните задачи и на фирмата ѝ носат профит. Ниту, пак на вработените, доколку редовно ги примаат платите и се осигурени на цел износ. Какво фајде имаат ако газдата е од истата етничка заедница, доколку половина плата им се дава на рака?

За мерката што жестоко ја брани министерот Крешник Бектеши нема никакви показатели какви ефекти ќе има врз компаниите, колку луѓе ќе опфати, колку буџетски пари ќе бидат потребни и какви придобивки се очекува да има за растот на економијата

Има многу примери во земјава каде што составот на вработените е мешан (во етничка смисла на зборот), па дури во недостиг на соодветни кадри во земјава, се вработуваат и луѓе од странство.

Тоа е нормално во пазарна економија во која владата се грижи да функционираат законите, во кои се бори против сивата економија, корупцијата и други појави кои прават сериозни дисторзии на пазарот. Другото е работа на способноста на фирмите. 

Настрана што за мерката нема никакви, ама баш никакви показатели какви ефекти ќе има врз компаниите, колку луѓе ќе опфати, колку буџетски пари ќе бидат потребни и какви придобивки се очекува да има во смисол на веќе посочените показатели – продуктивност, профитабилност, ефикасност…

Како што стојат работите и како што покажува индексот на човечки капитал на Светска банка, домашните фирми, без оглед на тоа кој е сопственик, ќе имаат сѐ повеќе проблем со квалитетен кадар. Конкуренцијата ќе станува сѐ поголема, барањата на пазарот исто така, па на компаниите нема да им помогнат никакви субвенции за вработувања по етнички клуч, туку обучени и квалификувани кадри.

Неделава, на презентацијата на состојбите во македонскиот ИТ пазар беше изнесен еден фрапантен податок – годишно во земјава има кусок од 568 ИТ школувани кадри. Овој сектор во подсегментот софтвер и ИТ услуги во периодот 2016 – 2019 година имал раст на активни компании од 55 отсто, бројот на вработени се зголемил за 8.516 лица, на приходите за 80 отсто, а на профитот за фантастични 136 отсто. Да не зборуваме дека платите во овој сегмент се меѓу највисоките во земјава, а вложените средства имаат највисок поврат. Во анализата се посочува дека ваквиот недостиг на кадри предизвикува потенцијална загуба од 8,6 милиони евра годишно како нето-плати, даночни приходи и тн.

Ете, да го парафразираме министерот Бектеши, кој на своите коалициски партнери им порача „да ја читаат владината програма“, дека не е лошо тој и неговите колеги од Владата да ги читаат ваквите анализи и извештаи. Помагаат да се креираат вистински мерки во кои својата среќа ќе ја најдат младите од сите етнички заедници, а државата на општо задоволство ќе може да прибира повеќе даноци и придонеси. Што би се рекло, вин-вин ситуација.

А, што се однесува до владинаата програма, таа сепак не е некоја света книга во која напишаното е апсолутна вистина на која никој не смее да противречи. Таа е подложна на дебати и врз основа на таквите дебати треба да се креираат соодветни решенија, но имајќи ја во предвид рамката која ја дава пазарната економија.

Анализите како онаа за ИТ секторот, како и извештаите за човечкиот капитал, но и за конкурентноста на економијата, за инвестициите, за економскиот развој, за иновации, за олеснување на бизнисот и други што ги публикуваат Светска Банка, ММФ, ЕБРД, Светскиот економски форум, УНКТАД и други релевантни институции, треба да се вистинските контролни точки за тоа каде е македонската економија, но и показатели кои работи треба да се преземат за да се поттикне економијата и да се намали јазот меѓу животниот стандард во нашата земја во однос на просекот на ЕУ, кој со години е на ниските 36 отсто. Сето друго, се непотребни експерименти и губење драгоцено време.

извор Независен.мк

Translate »