Сивата економија е неизлечивата рана на македонското стопанство!

Работата на црно „јаде“ речиси една петтина од стопанството во Македонија. Од Европската комисија и во последниот извештај го нотираат овој проблем кој со децении е еден од најголемите предизвици на приватниот сектор. Податоците на ЕК се дека во земјава сивата економија е на ниво од 18 отсто, но информаците од терен велат дека неформалната економија надминува и 30 отсто. Транспортниот сектор, угостителството и градежништвото се секторите во кои има најголеми прекршувања на правилата во однос на работата на црно. Надлежните уверуваат дека секојдневно се на терен и работат на сузбивање на сивата економија.

Критиките кои беа нотирани во последниот извештај на Европската Комисија за нивото на сивата економија во Македонија мора сериозно да се сфатат и да се посвети повеќе внимание на оваа проблематика, сметаат надлежните. Ставот кај властите е дека, можеби бавно се движат, но се постигнуваат очекуваните резултати. Од УЈП тврдат дека секојдневно даночните инспектори се на терен и се санкционираат сите кои не ги почитуваат правилата на фискализацијата.

„Борбата против сивата економија е еден од врвните приоритети на Управата за јавни приходи. Пред се тоа го покажуваме преку контролите кои ги извршуваме преку даночната инспекција во смисол на евентуално прикривање или затајување на даночните обврски или обврските кон државта. Како втор елемент е воведувањето на повратот на данокот на додадена вредност за физичките лица, што во секој случај го стимулира издавањето на фискални сметки, односно евидентирањето на прометот кај трговците“, велат од УЈП.

Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава според Институтот за економски анализи „Finance Think“ дава реалистична слика за состојбата со македонската економија, нотирајќи „ограничен“ напредок, за разлика од пред една година кога констатираше „некаков“ напредок. Според институтот оценката за економските политики е компаративно послаба, што главно произлегува од недоволната фокусираност на економските политики на долгорочниот развој на економијата. Од Finance Think потврдуваат дека еден од клучните проблеми на македонското стопанство е сивата економија.

„Долгорочните слабости на економијата се повторно забележани, пришто кај дел од нив се забележуваат чекори за нивно адресирање. Сепак, клучните проблеми сврзани со високата сива економија и извршувањето на договорите (поврзано со ефикасноста и непристрасноста на судскиот систем) остануваат. Особено загриженоста за високото учество на сивата економија и неповолниот ефект врз формалните компании, и понатаму се провлекува како значајна забелешка“, велат од Finance Think.

Од приватниот сектор за Денар велат дека за обезбедување поволен деловен амбиент за малите и средни претпријатија кои се стожер на македонската економија и сочинуваат 99,7% од сите компании во земјата со учество од 70% главен предизвик е сузбивање на неформалната економија, која изнесува над 30 проценти. Анализата на  Сојузот на стопански комори покажала дека  транспорт, градежништвото, туризмот, угостителството, услужните дејности, потоа земјоделството, се гранките каде што сивата економија  е најмногу застапена.

„Потребно е да се овозможи функционален механизам за справување со сивата економија, бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели еден пазарен систем. Еден од основните предуслови за обезбедување на одржлив и континуиран економски раст, повисок животен стандард и поволно деловно окружување е да се обезбедат еднакви услови за сите учесници на пазарот, како и да се спречат нелегалните текови на пари. Неформалната економија бележи раст секоја година и доколку не се отпочне со сериозна акција за нејзино сузбивање финално ќе предизвика и дерегистрирање на оние претпријатија кои работат на пазарот и нивно преминување во сивата зона“, велат од ССК.

Забелешките за високата стапка на сива економија во земјава се нотирани во сите досегашни извештаи за напредокот на земјава од страна на Европската комисија. Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се борат против нерегистрираните или неформални компании во Македонија е 55, 5% или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4%, Хрватска со 48,2 %, Албанија со 40,2, Србија со 37, 5 %  и Словенија со 26,5 %.

Translate »