Спектакуларна кражба на дијаманти во Дрезеден (ВИДЕО)

Германската полиција денеска уапси тројца осомничени за минатогодишната спектакуларна кражба на дијамантски накит во Дрезден од државниот музеј, пренесува агенцијата АФП.

Полицијата спроведува рации на 18 локации во Берлин, вклучувајќи 10 станови и гаражи. Исто така, извршен бил претрес на голем број возила, се вели во соопштението на полицијата и обвинителството. Повеќе од 1.600 полицајци од цела Германија учествувале во полициската акција, која треба да трае цел ден.

„Денешните активности беа насочени кон потрага по украдени уметнички дела и можни докази како што се складирање, облека и алатки“, се вели во соопштението.

Ланскиот грабеж во музејот во Дрезден, локалните медиуми го опишаа како најголема кражба на уметност во модерната историја.

Крадците провалиле во музејот лоциран во Кралската палата на Дрезден на 25 ноември 2019 година. Тие најпрво ја исклучиле електричната енергија во дел од музејот, а потоа го скршиле прозорецот и започнале да грабаат непроценливи скапоцени камења од 18-от век од колекцијата на саксонскиот владетел Август.

Меѓу украдените уметнички дела има меч чија рачка е украсена со седум големи и 770 помали дијаманти и светски познатиот дијамант „Саксонски бел“, кој некогаш бил во посед на саксонската аристократска династија Ветин.

Драматичните снимки направени од надзорните камери покажуваат дека еден од провалниците го крши стаклото на витрината со секира за да ги зграпчи непроценливите скапоцени камења.

Полицијата понудила половина милион евра во текот на изминатата година за информации што би довеле до апсење на крадецот.

Осомничените се поврзани со арапски криминални кланови

Осомничените, според адвокатите, се поврзани со арапски криминални кланови кои дејствуваат од областа Нојкоелн во Берлин низ цела Германија.

Гувернерот на Берлин, Андреас Гајзел, исто така, ги потврди врските на осомничените со арапските кланови.

„Ова е уште еден сигнал во насока на криминалните организации дека никој не може да се постави над државата и нејзините правила“, рече Гајзел.

Арапските криминални кланови во Берлин се заслужни и за спектакуларен грабеж на уметнички дела во кој што пред три години бил украден златник од 100 килограми од музејот Берлин Боде.

На почетокот на оваа година, двајца членови на арапски клан биле осудени на долги затворски казни за грабежот, но златната пара никогаш не била пронајдена.

Криминални групи со арапско потекло последниве години се во центарот на вниманието на германската јавност. Тоа се главно семејства кои дошле во Германија како бегалци за време на граѓанската војна во Либан кон крајот на 1970-тите и создале криминална мрежа низ целата земја.

Translate »