Ново истражување: Кој прележал коронавирус ќе биде имун со години?

Имунитетот на коронавирусот би можел да трае со години, а можеби дури и децении, покажува новото истражување на угледни научници од лабораторија која открила дека лицата кои закрепнале од Ковид-19 развиле издржливи нивоа на Б и Т клетки. 

Овие клетки му се неопходни на организмот во борбата против вирусот и можат да бидат присутни во телото многу долго.

Научниците анализирале примероци од крв од 185 пациенти на возраст од 19 до 81 година, а кои на почетокот на пандемијата биле позитивни на коронавирусот, па откриле дека повеќето од нив имаат доволно имуни клетки за борбата против вирусот и спречување на нова инфекција.

Покрај тоа, антителата се покажале како издржливи, со многу слаб степен на опаѓање, што значи многу години, потенцијално и многу децении заштита од коронавирус, пренесува “Forbes”.

Луѓето кои прележале САРС имаат имунитет веќе 17 години

Иако ова истражување уште не е рецензирано, “New York Times” го нарекува “најсеопфатно истражување за одговорот на умунолошкиот систем на новиот коронавирус”.

Дописничката на “New York Times”, Апурви Мандавали објаснува дека многу поединци заразени со Ковид-19 ќе бидат долго заштитени од нова инфекција, додека вакцината може да произведе уште подолга заштита.

“Веројатно нема да има потреба да ги вакцинираме луѓето секоја година како што се плашевме”, пишува Мандавали.

Научниците неодамна откриле дека луѓето кои преживеале САРС, кој исто така бил предизвикан од коронавирусот, и натаму носат важни имунолошки клетки 17 години по заразата.

Научниците исто така се надеваат дека проучувањето на антителата може да помогне во развојот на лекови за спречување или лечење на Ковид-19.

Translate »