Каракачанов се согласи со Заев: Власта во Бугарија била со Хитлер, но тоа не значи дека Бугарите се фашисти
Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов се вклучи онлајн на радио Канал 77 во моментот додека гостин во студиото беше и македонскиот премиер Зоран Заев. За Каракачанов историски факт е дека бугарската власт и цар биле сојузници на Германија и Хитлер, но тоа не значи дека Бугарите треба да бидат нарекувани фашисти.
„Бугарската власт и бугарскиот цар биле сојузници на Германија и на Хитлер. Тоа е историски факт. Сојузници беа и властите на Италија, и на хрватската држава, па не ги нарекувате фашисти“, изјави Каракачанов.
Тој се осврна и на масакрот во Ваташа, кој според него не се случил бидејќи населението било македонско, туку поради војувањето на државата и комунистите. Вели таков случај имало и во централна Бугарија каде бугарската полиција убила 12-13 деца.
„Јас сум одел во Ваташа три пати. Првиот пат во 94 година. Сум прочитал повеќе документи за Ваташа од вашите колеги. Случки како Ваташа има и во Јастребино во централна Бугарија каде бугарската полиција убива 12-13 деца и ги убива не затоа што се Македонци, туку тоа е граѓанска војна. Државата против комунистите, не е против Македонците. Тоа е затоа што комунистите војуваат со државата, и државата против комунистите, а не против етнички Македонци или други. Ваташа е трагичен случај од нашата заедничка историја, смета Каракачанов.
Премиерот Заев истакна дека сепак Договорот со Бугарија од 2017 година може да даде резултат ако се спроведе и ако двете страни се почитуваат во преговорите.
„Со господинот Каракачанов многу често разговараме за добрата индина помеѓу Бугарија и Северна Македонија, помеѓу двата народи и јас верувам дека правиме се од двете страни тоа да го постигнеме, но точно е, факт е дека во секое поглавје може Бугарија да ја блокира и Северна Македонија и Албанија и Србија и Црна Гора заради тоа што тоа право го има секоја земја членка. Каракачанов но и премиерот Борисов се за пријателство, сакаат двата народа да бидат пријатели, еве господинот Каракачанов нема проблем да зборува за македонскиот народ, да зборува за јазикот, но исовремено јас ги разбирам и потребите на Бугарите и на владата во Бугарија дека треба да се утврдат историски факти и низ духот на пријателството на основа на тие историски факти да ја градиме иднината“, изјави Заев во студиото на Канал 77.