Жител на беровско Будинарци фингирал сопствено грабнување за да земе 10.000 евра од својот татко
Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи – Берово вчера го лишија од слобода М.П. (29) од беровското село Будинарци, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „изнуда“, соопштија од МВР.
– Тој во текот на вчерашниот ден самоволно измислил и фингирал сопствено наводно грабнување, за кое изјавил дека го сторил од финансиски причини. Имено, неговиот татко Д.П. (57) вчера околу 18.00 часот во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово пријавил дека добил смс-порака од телефонот на неговиот син, со која се барало изнуда од 10.000 евра за да биде пуштен неговиот син, појаснуват од МВР.
Според пријавеното, порака со слична содржина на апликацијата „месинџер“ добила и неговата снаа М.П. Во координација со Јавен обвинител и во соработка со полициски службеници од СВР – Штип биле преземени мерки и активности, а на разговор биле повикани Љ.П., брат на пријавениот и М.П., сопруга на пријавениот, чиј мобилен телефон со потврда бил привремено одземен.
– Малку подоцна Д.П. пријавил дека откако ги оставил парите на наведената локација, М.П. се вратил дома, по што и тој бил повикан на разговор во просториите на ОВР Берово, при што го признал делото, а предметните парични средства биле пронајдени и вратени на неговиот татко, велат од МВР.
По целосно комплетирање и документирање на настанот, до Основното јавно обвинителство Кочани ќе биде изготвен и доставен поднесок по член 258 од Кривичниот законик за „изнуда“, соопштија од МВР.