Денко Малевски: Спорот со Бугарија и ривалитетот на соседните држави
Иако веќе подолг низ години имам чувство како историјата да извира под нашите нозе, заканувајќи се со дестабилизација на Македонија и на Балканот, треба сепак да внимаваме со историските аналогии. Македонија денес, меѓународно призната држава и членка на ОН и на НАТО, може со полна самодоверба да гледа на безбедноста на земјата, под услов успешно да ги решава своите отворени прашања. А такви прашања помеѓу држави секогаш имало и ќе има. И меѓу членки на НАТО, како што толку јасно покажува примерот на Грција и на Турција.
За нас на Балканот, фактот дека со НАТО и со ЕУ сме ставени под една наднационална контрола, не значи дека локалните ривалитети за влијание, изворот на несогласувања и конфликти, се сосема елиминирани. Железниот закон на меѓународните односи, имено, дека големите сили го шират своето влијание глобално, регионалните сили регионално а малите држави се во борба за свој опстанок, останува да важи. Како што гледаме, Македонија и натаму е предмет на натпревар за влијание на соседните регионални сили кои, по малку, наликува на времињата кога последната отоманска провинција во Европа стана јаболко на раздорот помеѓу Србија, Грција и Бугарија.
Најавата од македонскиот премиер за воведување на српскиот јазик во школите предизвика реакции од Бугарија по што следеше лавина реакции во српскиот печат. Само е прашање на време кога некоја официјална личност на Србија ќе одговори со сличен јазик. Се разбира, и Грција се вклучи во дебатата за влијание врз Македонија со изјави на свои политички претставници, последен од кои беше пратеникот Коѕијас кој како да сакаше да каже дека на Бугарија и фалат мускули за да го направи со Македонија она што и успеа на неговата земја. Забележувам дека зборовите кои се употребуваат се инфламаторни, токму како во минатото. Ништо страшно, ќе рече некој кој не разбира дека зборовите имаат значење и предизвикуваат последици. Ова се симптоми кои предупредуваат на можни идни посериозни регионални недоразбирања.
Она што е многу опасно е дека во позадината на овие ривалитети околу Северна Македонија е нерешениот спор со Бугарија. Балканските политичари мораат да внимаваат да не ги повторат грешките од минатото. Замешувањето на соседните земји и нивното земање страна, не само што не го решава спорот туку може да го дестабилизира Балканот. Вистинскиот пат за излез од кризата не е враќање кон некакви стари или замислени сојузи, а најмалку кон старите национализми. Европскиот континент денес, како и нашето членство во НАТО, налага мирољубиво решавање на споровите преку преговори и компромиси меѓу засегнатите страни.
izvor Plusinfo.mk