Цариниците најкорумпирани, докторите најмногу бараат мито-покажало локалното истражување
Вработените во царинските служби се најкорумпирани, додека здравствените работници најчесто бараат мито, посочиле граѓаните на Куманово кои биле вклучени во истражувањето за проценка на ранливи области на корупција на локално ниво, кое го изработи Асоцијацијата на демократски иницијативи (АДИ) во пет општини во државата. Нивните одговори се разликуваат од граѓаните на Гостивар, Битола и Кавадарци кои за најкрумпирано го сметаат судството, а во Штип на врвот на листата се инспекциските служби.
На прашањето од кои институции најмногу се бара мито, најголем дел од испитаниците во сите општини рекле дека дека прво е здравството, а следна полицијата.
„Во поглед на Куманово, истражувањето покажа дека граѓаните сметаат оти има зголемување на корупцијата во последните 10 години и дека се работи за големо зголемување. Притоа, како најзначајни сфери беа издвоени здравството, полицијата и судовите, во кои на граѓаните најмногу им било барано мито. Додека според распространетоста на корупција по области, граѓаните на Куманово сметаат дека е царината. Ова претпоставувам дека се должи на местоположбата на Куманово, како блискоста до граничните премини, па граѓаните имаат поинтензивни контакти со граѓани од други земји и пофреквентни контакти со царината“, изјави Марија Димитровска, експерт и еден од авторите на анализата, која ги презентираше резултатите од истражувањето во Куманово.
Заедничко за сите општините е што граѓаните имаат перцепција дека корупцијата во последната деценија е многу зголемена и тоа дури за 80 отсто. Анализата на сумираните резултати од петте општини покажала дека корупцијата во Северна Македонија е најраспространета во судството, потоа следуваат инспекциските служби и царината, а на последно место е социјалната заштита.
Помеѓу општините постојат разлики, па така во Гостивар, Битола и Кавадарци прворангирано е судството, во Куманово прва е царината, додека судствотот е на трето место, а во Штип први се инспекциските служби, а судството е второ. Во сите општини образованието и социјалната заштита се сметаат за области каде што корупцијата е најмалку раширена.
Граѓаните најчести контакти имаат со институции во здравство и полиција, па тами најмногу се соочиле со барање мито, а помал процент во судството. Податоците покажеле дека митото во институциите на здравството најчесто се бара за операција и лекување, во полиција во врска со казни и сообраќајки, во општините заради урбанистички работи и градба, а во образованието поради полагање на испити на факултет.
„Според граѓаните, најбитен фактор за корупцијата е желбата за брзо богатење на луѓето на власт, а најмалку битен е ниските приходи на јавните службеници. Всушност најголем дел од испитаниците се на став дека желбата за лична корист, пред сè материјалната е мотив за коруптивно однесување. Очигледно дека нејасните закони, слабите институции и долгите постапки се сродни фактори на оваа појава“, изјави Катица Михајловиќ, проект-кординатор во АДИ.
Граѓаните речиси биле едногласни дека не ја пријавуваат корупција затоа што немаат довербата во институциите и не веруваат дека ќе се постапи по нивната пријава. Потоа се плашат дека нема да се почитува анонимноста, а постои и страв од одмазда. Само една третина од испитаниците знаат каде да ја пријават корупцијата, а како најзначаен фактор во борбата ги сметаат медиумите.
„Се покажа една конзистентност во ставовите на кумановци со другите општини во поглед на тоа кој може да биде активен чинител во борба против корупцијата. Тоа се медиумите. Лошо е што граѓаните демонстрираат недоверба во институциите. Не сметаат дека судовите, јавното обвинителство, полицијата ќе си ја завршат работата и дека надлежните институции ќе постапат по пријави на корупција и затоа не се ни одлучуваат да пријавуваат, сметаат дека институциите се слаби. Овие ставови повеќе ги споделуваат Македонците отколку Албанците, од друга страна кај граѓаните Албанци имаме повеќе случаи во кои било пријавено дека им било барано мито во последната година“, вели Димитровска.
По објавување на резултатите од истражувањето, Димитровска смета дека следни чекори коишто треба да ги преземе државата е да разгледа на што се должи ниската доверба на граѓаните и нивната перцепција за нефункционалноста на институциите, па врз таа основа да прави стратегии во кои ќе се гради довербата помеѓу институциите и граѓаните.
С. НИКОЛИЌ