Рико Вуков и во 2021 година останува во Порше Карера Куп, но има нова цел!

Македонскиот автомобилист Ристо Вуков – Рико со спектакуларна промоција на новиот автомобил во Скопје потврди дека и во текот на 2021 година ќе продолжи со настапите во Порше Карера Куп кој се вози во Италија, како дел од екипата „GDL Racing“.

            Минатата сезона Рико го направи клучниот чекор префрлувајќи се во интернационалните води на авто-мото спортот, откако претходно направи респектабилна младинска кариера со картинг трките, како и низ автомобилистичките шампионати во балканските земји. Тимот што му понуди автомобил на македонскиот возач е во сопственост на италијанската тркачка легенда Џанлука Ди Лоренци, кој и самиот се натпреварувал во картинг, па во италијанската Формула 3, по што се етаблира како возач во трките со таканаречените туринг возила.

            Соработката со овој ментор ќе продолжи на взаемно задоволство и во 2021 година, при што Рико е убеден дека оваа година мора да направат резултатски исчекор, бидејќи на располагање ќе го има истиот автомобил, Порше 991 ГТ3 Куп, чии перформанси се проценуваат на околу 485 коњски сили кои доаѓаат од 4-литарскиот мотор, надополнет со 6-степен секвенцијален менувач.

            „Нашата цел минатата година беше да се запознаеме со патеките и со автомобилот, користејќи ги сите шанси да стекнеме искуство во новата средина. Секоја промена на автомобилот што еден возач го вози во трките си бара време за приспособување, а исто така и секоја нова патека, бидејќи минатата сезона беше прва за мене во ова натпреварување. Свесни сме дека во услови на глобалната пандемија нашите напори да ја комплетираме сезоната беа на многу повисоко ниво, а сето тоа беше зачинето со уште повеќе стрес при патувањата.

            Оваа година сето тоа е зад нас, но беше навистина добра школа и поуките се извлечени. Во 2021 година ќе атакуваме на подиуми со желба на секоја трка да го имаме македонското знаме на победничкиот пиедестал. Во оваа можност, сакам да се заблагодарам на поддршката што ми ја дадоа Агенцијата за млади и спорт, како и деловните компании од Македонија како „Саник“, „Витаминка“ и „Халк Осигурување“. Воедно, им се заблагодарувам од срце на сите навивачи кои ми даваа поддршка во мојата прва сезона од Порше Карера Куп, и сакам да им кажам дека навистина ми значи секој збор на охрабрување кога сум илјадници километри од дома и се обидувам да ја претставувам државата на најдобар можен начин.

            Ова е моја прва прес конференција и промоција во Македонија, поради што во ова мое обраќање им изразувам благодарност на македонските медиуми кои информираа за моите резултати досега во кариерата, а сега и нив им ветувам уште многу убави приказни од најатрактивните автодроми низ светот.“

            Провизорниот календар за 2021 година на Порше Карера Куп Италија има шест гран при викенди, а во секој од нив се возат по две трки. Сезоната почнува на 5 и 6 јуни во Мизано крај Равена, азавршува на 30 и 31 октомври со трката во Монца крај Милано.

Translate »