Сега е во Скопје, а веќе во ноември назад во Њујорк каде го снима новиот албум. Потоа патува во Азија на џез фестивали во Тајланд и Камбоџа , па пак се враќа во Македонија, а пред јануари повторно заминува за Њујорк. И така, нон-стоп , напред-назад, вели Владимир Четкар за Radar.mk. Моментално, во Скопје, ја промовира својата нова песна “Travel the world” и видео спотот направен за неа.
Кажи ни нешто повеќе за песната и спотот. Зошто токму Охрид?
– Сакав овој спот да го снимам во Македонија, поточно во Охрид. Ама не на типичните места, туку да го доловам Охрид од автентичен агол, онакаков каков јас го познавам. Сокачињата, Св. Јован Канео, Богородица Периплевта , Лабино… На крајот спотот завршува со патче на Галичица кое се губи во хоризонтот, патче со црвена земја во полу-пустина , како идиличен крај на некој филм. Моментот е могу потентен и ја илустрира суштината песната -Патувајќи низ светот….
Значи патот нема крај?
– Токму така. Продолжува нон-стоп. Тука е и поентата . Темата на песната е да патуваш за да се запознаеш самиот себеси , да искусиш нови традиции , нови ситуации, да се тестираш кој си и какви се твоите ставови.
Албумот го снимаш на различни локации?
-Албумот се снима во Њујорк и Њу Џерси. Јас сам ги правам текстовите, аранжманите, оркестрацијата која е многу захтевна,ја аранжирам ритам секцијата ,дувачките и гудачките секции, за првпат тешките вокали сам ги пеам, главниот вокал е мој , гитарите, работам речиси се, а тоа е многу работа и затоа на албумот работам долго. Неколку песни се готови, а некои се во креативна фаза. Не сакам да правам компромиси кога се работи за квалитетот и затоа ми треба време.
Што би променил Четкар да може? Што најмногу ти пречи во светот и овде кај нас ?
-Прво што би променил е да нема такви разлики во богатството кај луѓето. Помалку алчност, тоа е најголемата пропаст за човекот, ненаситноста! Би сакал луѓето повеќе да сочувствуваат со оние кои имаат потежок живот. Да не бидеме себични, свртени само кон себе и своите проблеми. Алчноста создава класни разлики, се се сведува само на профит, профит и профит!
Велиш алчност? Ја има ли секаде подеднакво, и во Америка и во Македонија?
-Болката секаде е иста. И во Македонија и во Америка. Повеќе луѓе умреле од алчност отколку од сите болести заедно. Ја има и во музичката индустрија. И во шоу бизнисот е така. Сум снимал во големи студија во Њујорк и Лос Анџелес и секаде се гледа како да се помине поефтино на сметка на квалитетот и креативноста.
Што уште би променил?
-Би го вратил човекот кон природата. Многу се оддалечивме од неа, затоа сакам многу да возам велосипед. Би вовел стриктна контрола на употреба на автомобили, да се намали загадувањето, повеќе да се пешачи, а пешаците и велосипедистите би ги заштитил во сообраќајот. Да ти е милина да го гледаш Скопје такво!
Те нервира ли како функционира музичката сцена на Балканот?
– Ме нервираат тие вештачки стереотипи дека мораш да работиш нешто што е поврзано со тоа каде живееш и од каде потекнуваш. На пример, само етно музика ако си од Балканот или ако си во Турција , само турска.
Можеби светот ги бара тие стеротипи од нас?
-Не, не е така. Овде има доста стереотипи. Тоа би го променил во Македонија. Мораме да форсираме две платформи. Една е традицијата – да се запази она што е специфично за нас: македонската кујна, музика…, но и светската платформа за да направиме производ кој е универзален – пиво кое нема да се пие само во Скопје туку и во Амстердам, во целиот свет. Да се стремиме кон создвање светски производи. Да правиме рок енд рол, а не само етно. Тоа нема да не направи помали Македонци, туку поголеми. На пример Исланд. Што има врска Бјорг со исландската музика? Никаква, ама цел свет ја знае. Малечко девојче кое работи низ цел свет. Во Шведска е таков пример АББА. Да размислуваме да направиме џез , диско, фанк , чиста уметничка форма, бидејки тоа е интернационално. Тоа не е американска туку светска музика, бидејки целиот свет има придонесено за неа . Французите го дале Серон, Италијанците Андреа Бочели. Целата поп култура денес е измешана, еден голем микс, со влијанија од сите страни и ние како таква ја конзумираме.
Имаме ли ние комплекс дека сме далеку од светот и дека сме провинција?
-Мислам дека генерално цел Балкан има таков комплекс , а зошто е тоа така не знам.Мислам дека имаме прекрасни уметници. Историски Балканот му дал неверојатни работи на светот. Мислам дека ние би требало да бидеме многу посигурни во себе. Искуството ме научи дека можам да работам своја музика , авторска, што ќе се продава и во Токио, и во Кореја и во Лондон и ќе биде на исто ниво како онаа на моите идоли со кои сум растел . Се е достижно,но со квалитет, а не со врски. Секој треба да се соочи со својот најголем страв. Да го победиме и да одиме да свириме на Менхетн и др. места кај што свиреле нашите идоли.
Ако слушаш кич и туробофолк, ти можеби нема да почувтвуваш, но душата ќе ти биде болна. Можеби тоа е причината зошто кај нас има толку агресија. Во некои кафулиња каде се слуша покултурна музика нема никогаш тепачки, бидејќи боди гард е музиката , уметноста. Тепачки, дрога и агресија е поврзано со турбофолкот. И во светот е така , ма пример – гангстерскиот рап. Погледнете ги оние сиромаси кои живеат во Куба и Порторико , таа нивна прекрасна музиката ги прави среќни . Музиката е таа што ја храни душата .