Дали можат компаниите да го спречат „одливот на мозоци“?
Одливот на мозоци останува еден од главните проблеми кој го има домашниот пазар на труд. И покрај релативно лесно достапното образование, сепак огромен број од младите се стекнуваат со знаења и квалификации само за да имаат услов повеќе за напуштање на земјата и барање на професионалната среќа некаде на друго место. А токму заминувањето на квалитетниот, високообразуван кадар веќе одамна алармира дека на пазарот на труд му се потребни итни измени.
Терминот „одлив на мозоци“ се дефинира како миграција на различни места ширум светот, на високо-квалификуваниот кадар надвор од државата, во потрага по подобар животен стандард и квалитет на живот, повисоки плати, пристап до напредна технологија, поорганизирано и пофер општество. И додека повеќето земји од Балканот се соочуваат со истиот проблем, се добива впечаток дека младите во Северна Македонија добиваат најмалку организирана поддршка од пазарот во потрагата по добар и стабилен работен ангажман.
Во неодамна спроведената анкета на Факултети.мк испитаниците беа запрашани „Што е тоа што би ве мотивирало да не заминете да работите во странство, доколку имате можност за тоа?“. Дури 53% од нив одговорија „Работна средина која го поттикнува кариерниот развој“, додека 21,4% од нив рекоа дека тоа е „Работната средина која поттикнува иновации“. Ако земеме предвид дека дури 69% од испитаниците беа на возраст под 30 години, се добива впечаток дека младите луѓе во земјата бараат перспектива, можности за надградување и напредување и амбициозна работна средина.
Евтиното и лесно достапно образование се чини дека донесе повеќе штета отколку корист за спречување на одливот на мозоци, бидејќи младите луѓе сега имаат лесен инструмент за стекнување на почетните (и потребните) квалификации со цел да ја напуштат земјата. Меѓутоа, недостатокот од вистинските можности се чини како најголемиот фактор во проблемот, кога ќе ја погледнеме целата слика. За испитаниците во анкетата на Факултети.мк финансиските услови се исто така многу важни, а под терминот „солидна плата“ подразбираат износ помеѓу 40.000 и 60.000 денари, што како почетна плата е многу ретко достапна во македонските компании. Значи, штотуку дипломираниот студент во Северна Македонија има ограничен избор: а) да ја прифати првата работа која ќе му се понуди, со плата која нема да му ги задоволи барањата; б) да побара работа надвор од земјата, каде ќе мора да почне практично од 0; и в) да биде упорен и да ја чека вистинската шанса тука, но да биде подготвен дека можеби никогаш воопшто нема ниту да му се укаже таква прилика.
На прашањето: „Како треба да изгледа работна средина која го поттикнува кариерниот развој?“ испитаниците во горенаведената анкета имаа различни одговори, но преовладуваа описи како – професионална, организирана средина без непотизам, организација каде се почитува индивидуалецот и каде активно се врши едукација со цел напредување на работникот. Општата констатација е дека младите луѓе во земјата се разочарани од ограничените можности за добро вработување, но уште повеќе се фрустрирани од немањето на услови за напредок.
Сепак, светли примери постојат и полека ги трасираат новите трендови. Тоа се главно современи и прагматични организации кои им нудат на младите шанса да се испробаат, да се развијат професионално, да стекнат незаменливи знаења, да напредуваат без лимитирање на нивните можности, да станат значаен дел од тимовите.
Таков пример е Македонски Телеком кој нуди извонредна можност преку програмата Smart Start, со која студентите ќе имаат шанса да навлезат подлабокo во најактуелните теми денес – технологија и дигитализација преку работа на реални сценарија и конкретни проекти. Иницијативи од ваков вид се и повеќе од потребни, особено кога целта е да им се овозможи на младите луѓе да влезат во околина во која ќе стекнат искуства од терен и вештини под менторство на професионалци од оваа индустрија и во корпоративно опкружување и тимска работа.
Ако услов за добивање на работа е кандидатот да ги исполнува условите на компанијата, тогаш истата обврска ја има и компанијата – да му понуди на кандидатот добри услови со цел да го привлече, да го задржи, да го надгради и да му овозможи да порасне заедно со компанијата. Она што Македонски Телеком го започнува со иницијативата Smart Start е одличен показател како компаниите можат да придонесат кон намалување на „одливот на мозоци“ и кон создавање, надградување и задржување на високо-квалитетниот кадар во земјата.